ТВОЈА партија бара итен прекин на преговорите со Бугарија

ТВОЈА ПАРТИЈА, врз основа на последните случувања помеѓу преговарачките тимови на Република Северна Македонија и Република Бугарија во Берлин, Германија, е против било каков компромис за било која точка од барањата на бугарската страна, соопштуваат од партијата.

Како што велат оттаму, евентуалниот компромис би претставувал потврда и промоција на бугарските ставови во однос на основните идентитетски прашања кои не смеат да бидат предмет на преговори. Било каква отстапка значи поништување на меѓународно признатите документи во кои македонскиот јазик е еден од светските јазици (повелбата на ОН, Атина 1977) и посебноста на македонскиот народ, кој ниту усилбите на Грција не успеаја да ја негираат при потпишувањето на Преспанскиот договор, а претходно вметнати во личната карта на државата во телата на ОН, се вели во соопштението.

Според ТВОЈА, неизвесните предлози кои ги објави „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ – дека во Брисел се шпекулира околу употребата на терминот „македонски јазик“ во документите на ЕУ да биде наведен како “соодветниот службен јазик“, влеваат дополнителна загриженост. Затоа, велат од партијата, апелираат за итно отстапување и прекин на преговорите со нашиот источен сосед.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

„Самото постоење на меморандумот кој Република Бугарија го испрати до државите членки на ЕУ, не претставува ништо друго освен ехо на фашистичката струја која доминираше со Бугарија во периодот на Втората светска војна, како земја членка на фашистичката оска. ТВОЈА партија смета дека евентуално прифаќање на вакво или слично именување на македонскиот јазик во званичен документ на ЕУ е навредливо и треба да се одбие и по цена да не се започнат пристапни преговори. Прифаќањето на било каков компромис ќе биде потврдување на сите бугарски тврдења околу идентитетот, јазикот, историјата. Идентитетот и јазикот не смеат да бидат преговарани!“, порачуваат од партијата.

- Реклама -