Турскиот мафијаш „Џадин Адемовски“ (Седат Пекер) живее на непостоечка адреса во Чаир?

Седат Пекер, кого ВМРО-ДПМНЕ го посочи како еден од високопрофилните криминалци кои од службени лица во МВР добиле лажен идентитет, односно фалсификувана патна исправа и лични документи во рамки на аферата „Мафија“, според истите тие документи, живее во скопската населба Чаир.

„Џадин Адемовски“, под кое име босот на турската мафија кој е протеран од Турција фигурира во лажниот македонски пасош и лична карта, и кој го има и во избирачкиот список, живее на улица „Ќемал Сејфула“ број 22/1. Но, се чини, само на хартија.

Како што објави „Алсат“, зградата во која наводно живее Седат Пекер, не може да се најде, а за тоа полицијата треба да даде одговори – дали станува збор за фиктивна адреса или за друго лице?

ТВ „Алфа“, пак, испратила своја екипа на адресата која според Google Maps e зградата во која живее „Адемовски“. Ниту луѓето кои живеат во зградата, ниту луѓето кои биле излезени пред зградата, не познавале никаков Седат Пекер, ниту пак Џадим Адемовски. Истиот одговор го добиле и кога тропнале на вратата на станот број 1.

 

- Реклама -