Порано, кога патувавме, немавме друг избор освен да ги замислуваме местата што ќе ги посетиме, и следствено, да се разочараме. Сега имаме Интернет: гледаме слики, па се разочаруваме.
Тоа е картата на која први играа Bored Panda, создавајќи ја галеријава што би требало да ве убеди дека најпосетените туристички места се толку посетени што нема да можете да уживате во нив. Во меѓувреме, еден куп светски и наши портали ја презентираа истата како апсолутна вистина. Ние имаме друга верзија.
Кинески ѕид
Како што може да се види на сликата, слабо туристи на Кинескиов ѕид, а? Тоа е затоа што е веројатно сликана на некој кинески празник. Обично е вака околу Октомври или во пикот на сезоната, и тоа само на дел од Кинескиот ѕид – наречен Badalin. Другите делови од ѕидот се празни, баш како што ги замислувате.
Фоткање на кривата кула во Пиза
Што е право, право е.
Мона Лиза во Лувр
Ни ова не е точно. Обично немате шанса да дојдете ни волку близу до Мона Лиза, освен ако не користите лакти, колена и по некој специјален маневар. Работите малку стивнуваат кон крајот на музејската сезона и кон крајот на денот, ама не очекувајте да и се насладувате на Мона Лиза предолго. Од друга страна, во Лувр има и многу друго што да се види, а бидејќи сите се затрчале по Мона Лиза, таму ќе бидете пораат.
Романтичен пикник во близина на Ајфеловата кула
Вторава слика не е вообичаената атмосфера во Париз. Можеби е така за време на некои музички или други видови настани, но тие што биле велат дека пикникот изгледал повеќе како очекуваното, и дека било прекрасно.
Рајските плажи на Малдиви
Ако одите на Малдиви, сигурно нема да отидете на некоја ваква плажа. Состојбата е ваква само на некои од островите, и тоа на јавните плажи за кои локалните многу-многу не се потресуваат. Ама да видите ѓубре во туристичките ресорти, тешко.
Мирна, романтична вожња на гондола во Венеција
Пак зависи од периодот на посета или од тоа по кој канал се возите. Најчесто, каналите се полупразни, а вие и љубената ваша половина обично ќе уживате во тивко и романтично возење.
Сончање на плажата во Рио де Жанеиро
Сигурно нема да ја најдете празна, ама нема ни преполна, како на вторава слика, која е направена или за време на некој музички настан, или за време на посетата на Папата. Инаку, зарем немаше да има повеќе луѓе во водата?
Санторини
Пак, вон шпицот на сезоната нема да наидете на вакви гужви (а ни тогаш), освен непосредно пред заоѓањето на сонцето, и тоа на ова конкретно место кое е најпознато по глетката на залезот. Другите улички на градот не се ни пола прометни од ова на сликава.
Таџ Махал
Празен нема да го најдете, ама не е ни секогаш облачен како на втората слика. Повеќето велат дека рано наутро, накај 6 часот, наликува многу повеќе на првата слика. Додуша некои имаат затекнато редици и рано наутро.
Приватните плажи на Тајланд (и слични)
Сликава е од плажата каде што беше сниман The Beach со Леонардо ди Каприо. Оттаму е и толку популарна и секогаш преплавена со туристи и бротчиња, до толку што луѓето не можат ни да се симнат од чамците. Арно ама, ова е само една тура, а близу оваа има и други плажи што се ем прекрасни, ем празни.
Фонтана ди Треви
Секогаш е како на втората слика (или полошо), со тоа што има и еден куп продавачи на рози што на машките ќе им се качат на глава за да и купат роза на саканата. Тие што ја виделе празна, сигурно ја виделе додека е под реконструкција.
АПДЕЈТ: Се зборуваше дека ќе ја оградуваат.
Пирамидата во Гиза
Подобро организирајте ја посетата рано наутро или кон крајот на денот. Понесете многу вода, бидејќи е многу жешко (во февруари температурите се како во Европа во пролет) и не им приоѓајте на локалните со камили. Тие знаат да ви наплатат за сé, дури и ако фотографирате со своја камера, знаат да се развикаат и да направат сцена. А да, и обично фотографиите и разгледниците се така направени да не се гледа колку е всушност близу градот, и тоа со добра причина – делува разочарувачки и ја уништува древно-египетската атмосфера.
Стоунхенџ
Вака е само на најдолгиот ден во годината. Преостанатите денови не е ни дозволено да стигнете толку блиску до споменикот.
Шпанските скали во Италија
Да, ова е нормата, освен ако отидете вон сезона, во јануари, и имате нешто повеќе среќа. А да, на сликава фалат илегалните продавачи на дрангулии.