Чепкаш по телефонот додека се возиш во автобус и одеднаш сфаќаш дека уште неколку луѓе ти гледаат во екранот преку рамото. Е па на Селал Гугер му се смачило, па си направил специјални наочари кои го решаваат проблемот.
Слична фора имаше и пред неколку години, со отстранување на поларизираната фолија од мониторот. Изумот на Гугер, сепак, е сосема поинаков.
Гугер е 42-годишен поправач на мобилни телефони од турскиот град Бисмил. Ја работи работава уште од 1999 година. Со неговите наочари, екранот на телефонот го гледа само тој што ги носи. За сите други, екранот е бел. Вели дека системот е уникатен и дека работи на секој лаптоп, телефон, и телевизор, т.е. на секој екран.
Точните детали не се познати, бидејќи западните медиуми сé уште ја немаат покриено приказната, но од тоа што може да се извлече од турските сајтови, се работи за мал чип кој Селал го има програмирано да го претвори екранот во бел, и кој потоа го вградил во смартфонот. Паралелно со него, работи уште еден чип – кој може да се стави на било кои наочари, и кој се поврзува со чипот во телефонот преку bluetooth, за да го заобиколи „белиот штит“ на екранот. Се активира на копче.
Најдоброто од изумот на Селал е што тој тврди дека чини околу 10 долари, вклучувајќи го и Bluetooth системот кој го вклучува и исклучува механизмот. На пример, сакаш да гледаш нешто на телевизија, но не сакаш другите да знаат што гледаш – само ги ставаш наочарите, го притискаш копчето и екранот на телевизорот станува бел за сите освен тебе.
Вели дека првично го тестирал системот во кафулиња; луѓето почнале да го прашуваат дали му е добро. За нив, тој бил само чудак што зјапа во бел екран. Откако ќе им ги позајмел наочарите, ја разбирале неговата генијалност.
Гугер моментално се обидува да го патентира изумот, по што планира да се фокусира на разни опции за негово масовно производство. Цената веројатно нема да биде проблем за купувачите, а по сé изгледа, ниту побарувачката нема да биде проблем за Селал.