„Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци. А ако е логично што не попречува така да се однесуваме кон сопствената земја?“, праша денеска поранешниот претседател на државата – Бранко Црвенковски, во обраќањето на научниот собир во МАНУ по повод 30-годишнината од независноста.
Покрај корупцијата и внатрешната длабока поделеност и конфронтираност во земјава, Црвенковски како пречка за таков однос го посочи и фактот дека, како што рече, сме држава што живее на кредити.
Тој посочи дека во 2001 година бруто надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари, а во 2011 пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари. Денес, во 2021 година, подвлече Црвенковски, тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари.
„За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари. Па каде завршија тие пари, и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не! Дали завршија во развиена патна, железнича, енергетска инфраструктура? Сосема мал дел! Дали се искористија во подигање на квалитетот на јавното здравство, на образованието? Прашајте ги граѓаните и ќе ви одговорат дека состојбите на овој план се дури и полоши отколку пред 10 или 20 години. За жал, голем дел од овие средства завршија во апсолутно непродуктивни трошоци и проекти“, рече Црвенковски.
Од друга страна, потенцираше тој, забележителен раст е регистриран кај буџетот на државата – кој денес, во 2021 година, изнесува 4 милијарди и 300 милиони евра, и кај бројот на вработени во јавниот сектор – 197.530 лица. Како што подвлече Црвенковски, ваквата ситуација е неодржлива.
„Вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат“, констатира поранешниот претседател.
Според него, на Македонија итно ѝ е потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, сѐ додека клучните работи не бидат доведени во ред.
„Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата. Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата. Под итно ни е потребен еден строг ригорозен Закон за потекло на имотот, кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок. Платформа во која ќе се дефинира план и временската рамка за спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата. Платформа во која ќе се дефинира политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво“, рече тој.
За постигнување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ и обезбедување сигурна и просперитетна иднина на државата, но и за можноста тоа да не биде можно, Црвенковски смета дека е потребна платформа која ќе биде изготвена од водечките научни, образовни и стопански институции во државата.
„Ја користам оваа прилика да апелирам до МАНУ, до Универзитетот, до Стопанската комора, до Вас Претседателе Пендаровски како натпартиска и обединувачка институција – покренете таква иницијатива! Откако ќе се заокружи документот треба да им се понуди на политичките партии кои доколку го прифатат ќе стане задолжителен за нив во нивното делување. Каков ќе биде нивниот одговор јас не знам. Но знам дека вреди да се обидеме и дека такво нешто ѝ е потребно на Македонија. Има една реченица која многу често ја слушам во последно време и која многу тешко ми паѓа. А тоа е: ‘не нé бива ниту ќе нé биде како држава’. Уште повеќе ме погодува затоа што знам дека нé бива и дека можеме. Клучно прашање е дали сакаме. Ако искрено, ама навистина искрено сакаме и целосно се вложиме за остварување на таа цел, тогаш и ќе нé биде. Крајно време е тоа и да го направиме“, порача Црвенковски.