Црвенковски во Сараево: „Тоа што Бугарија не успеа да го направи со оружје во ’41-ва, денеска сака да го постигне со ветото за ЕУ“

„Она што Бугарија не успеа да го постигне во Втората светска војна од 41- 45 година со оружје и воени средства, денес сака да го постигне користејќи го нејзиното членство во ЕУ и правото на вето за носење одлуки“, изјави поранешниот претседател на државата и премиер – Бранко Црвенковски, денеска на форумот за западен Балкан во Сараево.

„Мене ставот на Бугарија ми е потполно јасен, но она што мене ме интересира е како на ова гледаат останатите членки на ЕУ“, рече Црвенковски.

Тој жестоко му одговори и на поранешниот претседател на Бугарија – Росен Плевнелиев, кој изјави дека Македонија е млада земја и нација и Македонците можат да се нарекуваат себе и својот јазик како сакаат, но дека факт било дека пред 1945 година македонски јазик немало и дека истиот бил создаден од Тито и Сталин.

„Јас мојата реакција на изјавата на претседателот Плевнелиев ќе ја почнам на македонски јазик, и тоа не случајно – тоа е мојот мајчин јазик, тоа е јазикот на кој говорел мојот татко, мојот дедо и дедото на мојот дедо. Значи неколку генерации пред мене, коишто биле и родени и живееле уште пред да се родат Јосип Броз Тито и Сталин“, изјави Црвенковски.

„Значи никој, барем јас не знам никој во историјата што успеал на вештачки начин да создаде нова нација. Имало обиди, ама успешни обиди – нема“, додава тој. Изјавата погледнете ја на „Канал 5“.

- Реклама -