Цртање два портрета со две раце истовремено

Појма немаме дали имаме наш збор за ова, ама на англиски се вика амбидекстрија (?), од аmbidexterity, и значи подеднаква прецизност во користењето на левата и десната рака, и тоа истовремено. Се смета дека само 1% од луѓето се природно амбидекстерни.

Но и другите можат да научат. Всушност тоа се гледа, на пример, кај танчерите и тапанарите. Со внимателен тренинг преку долг временски период, мозокот може да научи да ја игнорира вкрстената комуникација меѓу два екстремитети. Затоа рацете и нозете на тапанарите не си ги имитираат движењата.

Портретистиве во продолжение се чекор подалеку; за да црташ со двете раце два портрета истовремено, мораш да си „амбидекстерен“ и во мозокот, т.е. да ја игнорираш когнитивната дисонанца меѓу двете хемисфери. Со цртањето всушност тренираш да го игнорираш делот од мозокот што сака секоја линија да има свое значење, и наместо тоа се фокусираш на тоа што всушност го гледаш, но од аспект на светло/темно т.е. црно/бело. Поточно, едниот дел од мозокот си мисли „оваа линија е окото, а оваа е устата“, а другиот ја гледа целата слика и нештата на неа како светло и темно. Ти ги добиваш и двете импресии, но за да црташ два портрета одеднаш, мораш да го игнорираш делот што сака да црта конкретно око или уста.

Ако помисливте дека првото видео е можеби сечено, лепено и монтирано, и дека сé е ова лага, еве уште едно.

- Реклама -