Во последниве две години, машката брада доживува популарност како никогаш досега во поновата историја. А на толку многу бради, забележлив станува еден и не така редок феномен – црвени бради кај мажи со темна коса.
Адриан Шипхорст од MOtherboard, во потрага по одговори, ќе се обрати кај Петра Хаак-Блоем, која работи во една холандска организација која промовира генетика и свесност за генетски нарушувања.
Според неа, сé се врти околу MC1R генот. Генетскиот код за боја на влакната спаѓа во групата на „некомплетно доминантни наследни особини“, што значи дека кодирањето на бојата на влакната не е едноставно од типот „еден ген – една боја“, туку гените можат да бидат изразени на различен начин на различни делови од телото, како главата, брадата, веѓите или пубичните влакна.
Бојата на влакната зависи од два пигмента: еумеланин – темниот пигмент и феолмеланин – црвениот пигмент. Како што вели Петра: „пред повеќе од една декада, научниците открија дека еден ген (MC1R) на хромозомот 16, игра важна улога при настанување на црвени влакна кај луѓето. Задачата на MC1R е да создава протеин наречен меланокортин 1. Тоа е протеинот чија задача е конвертирањето на феолмеланинот во еумеланин… Кога некој ќе наследи две мутирани верзии на MC1R-генот (по еден од секој родител), помалку феолмеланин е конвертиран во еумеланин. Наместо тоа завршува во пигментните клетки, а лицето завршува со црвена коса и посветла кожа“.
Од друга страна, кога некој ќе наследи само една од овие мутирани гени, црвените влакна можат да се појават на „произволни“ места, пред сé заради тоа што гените се изразуваат на повеќе различни варијанти.