Црна Гора, Македонија и Бугарија му забранија прелет на Лавров до Белград, силни реакции од Москва

Црна Гора, Македонија и Бугарија го забранија прелетувањето на авионот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за утре да го посети Белград, потврдија за „Данас“ извори од српскиот државен врв. Наместо тоа, српскиот претседател Александар Вучиќ утре ќе се сретне со рускиот амбасадор во Белград, соопштиле од неговиот кабинет, јави дописникот на МИА од Белград.

Ваквиот развој на настаните ги потврдува изјавите на Вучиќ и српската премиерка Ана Брнабиќ – дека работите околу посетата на Лавров се исклучително комплицирани.

„Навистина е неверојатно ситуацијата во Европа и во светот да е таква што претседателот на една земја треба да се занимава со такви работи како што е логистиката на патувањето на еден министер за надворешни работи, од што зависи дали тој ќе дојде или не“, рече Брнабиќ за „Пинк ТВ“, додавајќи дека се работи за проблеми со „прелетите“ со авион.

Во меѓувреме, висок функционер од руското Министерство за надворешни работи, за руските медиуми, потврди дека посетата на шефот на руската дипломатија на Белград е откажана. Како што објавија британските медиуми, тој потврдил дека Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затвориле својот воздушен простор за авионот кој денеска Лавров требаше да допатува во Белград, саркастично додавајќи дека руската дипломатија сѐ уште не ја совладала телепортацијата (за да може Лавров да патува и покрај затворањето на небото).

Следуваше и изјава на портпаролката на руското МНР – Марија Захарова, која посочи дека со затворањето на небото за авионот на Лавров од страна на земјите што ја опкружуваат Србија, е затворен уште еден канал за комуникација. Таа подвлече дека не е Москва таа што создава нова „железна завеса“, туку Европа е таа што ја оградува Русија.

Прочитајте и:  Во Балтичко Море оштетен и подводниот телекомуникациски кабел што ги поврзува Шведска со Литванија

„Токму денеска, пред еден час, земјите што ја опкружуваат Србија го затворија комуникацискиот канал, недозволувајќи да прелета авионот на Сергеј Лавров, кој се подготвуваше да ја посети Србија. Руската делегација требаше да пристигне во Белград на разговори. Државите членки на Европската Унија и на НАТО го затворија воздушниот простор, затворија уште еден комуникациски канал. На крајот на краиштата, нема да има железни завеси од наша страна, не мора да се грижите. Европската Унија е таа што со завеса ја заградува Русија. Вашите грешки се тоа што сте премногу себични, што мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас нема други народи во светот. Немате морално право некого да учите нешто“, рече Захарова за италијанскиот телевизиски канал „Ла7“, јавија руски медиуми.

Лавров денеска и утре требаше да престојува во Белград и да се сретне со претседателот Вучиќ, министерот за надворешни работи на Србија – Никола Селаковиќ, претседателот на Собранието – Ивица Дачиќ, и патријархот на СПЦ – Порфириј. Според она што претходно го изјави Лавров, во Белград со Вучиќ требаше да разговара за цената на гасот, но и за Косово. Тој додаде дека Русија е заинтересирана да ги слушне оценките на Вучиќ и другите српски политичари за целата ситуација и за посредничката улога на ЕУ во неа, како и нивните планови за следниот период.

Извор: МИА

- Реклама -