Ирена Радовановиќ, Скопје, 20 јануари 2020 (МИА)
„Јас не сум достоен да му ги одврзам ремчињата од обувките Негови”. Така велел за себе свети Јован Крстител, најавувајќи ја мисијата на Исус Христос, пред да го крсти во реката Јордан. Неговата главна улога се остварила со крштевањето на Спасителот, па затоа древната Црква денот по Богојавление му го посвети токму на свети Јован.
Како и во сите цркви посветени на овој најголем меѓу родените од жена, како што го нарекол апостол Матеј, така и во црквата Св. Јован во Бутел голем број верници се собраа да го прослават празникот Собор на свети Јован Крстител, а ден претходно и Богојавление.
Импозантниот храм, изграден на средината на 500-те метри квадратни, на бутелчани им го подари ктиторот Мите Јовановски, сопственик на „Макоил”.
Една од најголемите цркви, камбанарија висока 36 метри
Храмот е огромен. Отец Кирил Фидански, кој служи во цркавата, ни кажа дека највисока купола со крстот е во висина од 25 метри, додека камбанаријата е висока 36 метри. Тешко е со фото-објектив да се опфатат сите тие големи објекти во една фотографија.
Зад црквата има парк, за кој се грижи клисарот Зоран. Низ него се насадени дрвца, кои допрва треба да растат и да го сокријат храмот од уличниот метеж. Но, иако црквата од три страни е опкружена со улици, може да се забележи дека возилата не успеаваат да го нарушат духовниот мир и спокој кој владее во просторот. Чувствтвото е како објектот да се наоѓа некаде на планина, сам, без возила и куќи околу себе. На просторот од камбанаријата до влезот на црквата има поставено клупи, на кои гостите кои доаѓаат можат да се одморат. Внатрешноста на црквата преубава. Храмот е фрескоживописан од вештите зографски раце на Сашо Ацковски и Раде Кнежевиќ, податок кој исто така ни го кажа о. Кирил. На фреските, покрај прикажувањето на главните настани од Новиот Завет, од раѓањето на Исус Христос до неговото воскреснување и појавување на апостолите, е доловен и животот на светителот Јован, кому му е посветен храмот.
Таткото на Јован, Захарија со својата жена Елисавета, долго време немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа бидејќи биле во доста возрасни. И двајцата постојано го молеле Господ да им даде рожба и Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш, кога Захарија во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. И така и се случило.
Инаку, според светото предание, св. Јован Крстител и Исус биле роднини, зашто мајка му на св. Јован, Елисавета, ѝ била тетка на мајката на Исус, Марија.
Бев еден од најсиромашните, Господ ми помогна и ветив дека ќе изградам храм
За време на литургијата во цркавата Свети Јован, го здогледавме нејзиниот ктитор, бизнисменот Јовановски, задлабочен во молитва, му пријдовме да го прашаме нешто за црквата. Не не очекуваше, но одвои време и за нас.
-Видете, јас бев еден од најсиромашните луѓе. Во 1994 година, пред Божик му се молев на Господ, да ми помогне да ставам темели на црква. Тоа го добив по три месеци. Но, одеше тешко, се присетува Јовановски, кој враќајќи се во мислите кон тешкото минато, за момент се замисли, а неговиот лик доби тажни црти. Ја почувствуваме неговата тага. Го оставивме да ги совлада емоциите и тој продолжи да ни раскажува дека ликот на свети Јован често го сонувал. А дознал дека е токму тој светител кога ја посетил црквата света Петка во Црниче. Таму видел икона на човекот кој му доаѓал на сон. Тогаш сфатил дека го сонувал свети Јован. Така и решил црквата да му ја посвети нему.
-Има уште многу работа во црквата. Но среќен сум што по повеќе од 20 години, конечно ја изградив, вели Јовановски. На нашата забелешка дека од она што е направено се гледа дека многу пари се потрошени, ктиторот само се заблагодари на Господ.
Јас донирам постојано. За многу работи луѓето не знаат. Пат изградив до манастирот Свети Ѓорѓи. Имам давано за многу цркви, но и за џамии. Помогнав за црква во Дојран, потоа за Свети Илија. Многу се, да не ги набројувам. Ова е едно од поголемите дела за кои имам донирано, вели Јовановски. Тој е свесен дека не може на секој да му удоволи, дека покрај позитивните има и негативни критики.
Планот за изградба бил уште од времето кога поглавар на МПЦ-ОА беше г.г. Михаил. Но, тогаш се бунеле дел од мештаните.
-Дваесет години не ми даваа дозвола да градам. Откако ми дадоа дозвола, ова за шест години го изградив, раскажува ктиторот на храмот.
Бутелчани радосни што добиле прва црква
Со дел од бутелчаните со кои поразговараме не го криеја задоволството што конечно добиле црква. Нивното расположение ни го пренесоа и нам. Тие се среќни што ктиторот Мите Јовановски, нивниот сосед од Бутел, им подарил велелепен храм.
-Тука сум родена. Татко ми се доселил во Бутел во 1956 година. Овде немало население. Тука биле имотите на турските бегови и веројатно заради тоа немало ни црква. По 1956 година, почнуваат масовно да се доселуваат луѓе од цела држава. А по земјотресот 1963 година, доселувањето е уште поинтензивно. Потребата за црква, ја чувствуваме многу одамна. Ние за сите поголеми празници одевме во црквата во Чаир. Оттаму ми е сопругот. Таму живеевме еден период. И навистина недостасуваше тука верски објект. Гледате колку е голема населбата и има потреба од црква, ни вели Рајна Каевска.
Таа објасни дека проблемот зошто толку долго бутелчани чекаа изградба на црква, бил урбанистичкиот план, односно каде да се лоцира храмот.
-На овој простор имаше матична служба, игралиште, библиотека, месна заедница и многу убаво што решија сите тие да ги преселат а тука да се изгради црква. Ктиторот Јовановски успеа да собере сили и финансии и да направи објект. Ние многу му се радувавме на храмот. Уште кога ги поставија темелите на црквата, едвај чекавме да се изгради. Но, ова што се направи е навистина нешто прекрасно, над нашите очекувања, црквата е преубава. Слава му на Бога и нека го благослови Мите и неговото семејство, што помогна да добиеме црква. Ние со сопругот растевме во верата, чекајќи го храмот, вели Каевска.
Таа посакува во црквата да има часови за верата.
-Убаво е децата да си ги воведеме во верата. Нашиот народ повеќе практикува традиција и суеверие отколку вистинска вера, смета Каевска.
Расположена за разговор со нас беше и Наташа Јовановска.
-Презадоволни сме што имаме храм во Бутел. Го чекавме долго и еве конечно го дочекавме. Многу сме му благодарни на ктиторот Мите Јовановски, кој ни го изгради овој храм. Презадоволни сме. Но, црквата е нова и се уште луѓето не ја знаат. Претходно одевме во Свети Наум во Радишани, во Богородица во Центар, во Марков Манастир и во други цркви. Марков манастир не ни е блиску, но се организиравме, одевме цело друштво. Ние сме цела екипа, ни вели Наташа Јовановска, која е од оние кои ги нарекуваат вистински верници.
За вистински верник се смета некој кој се труди да води христијански живот, секоја недела оди на литургија, имам духовен отец, пости, се исповеда, се причестува и се труди да расте духовно, а како пример пред себе го има Исус Христос. Таа би сакала луѓето подобро да го запознаат православието.
-Полезно би било да се организираат предавања во црквата. Верниците подобро да се запознаат со православието, вели Наташа.
Неа од мала ја интересирале егзистенцијални прашања. Одела на јога, медитации, но секогаш чувствувала дека нешто и недостасува.
-Некако брзо ми поминуваше интересот. Не се пронаоѓав во тоа. Си велев, не е тоа тоа. По некоја „случајност” се запознав со мојот духовен отец, кој е во Марков манастир и тогаш сфатив дека тоа е вистинското, објаснува Наташа.
Најголема е радоста кога црквата е преполна со верници
Поразговаравме и со о. Кирил, кој ни раскажа дека темелите за изградбата на црквата „Раѓање на свети Јован Крстител” во населбата Бутел во Скопје, се поставени на 12-ти октомври 2013 година од страна на Поглаварот на нашата света Македонска Православна Црква – ОА г.г. Стефан заедно со митрополитите тетовско-гостиварски г. Јосиф и кумановско-осоговски г. Јосиф, како и многубројното свештенство и верниот народ од скопската православна епархија. Црквата е осветена на празникот на сите македонски светители 6-ти октомври 2019 лето Гоподово. Има помошни простории за крштевање, сала за состаноци, трпезарија и свештеничка канцеларија.
-Црквата е отворена секој ден и овде верниците доаѓаат секогаш, значи и во обичните денови, неделите и празниците за да се помолат на Бога, да побараат совет од свештениците или за некој друг повод, на пр. крштевка, венчавка, домашна слава и сл. Сепак, најголема е радоста кога црквата е преполна со верници за време на божествената литургија и кога многумина пристапуваат кон Светите Дарови за Причест, ни вели о.Кирил.
Тој претходно служеше во манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец во Радишани. Ако може за некој свештеник да се каже дека е таков каков што очекуваат верниците, тогаш, за тие што го познаваат о. Кирил, ќе речат дека токму тој е таков. Со неговата сопруга Олга и двете синчиња Николај и Методиј оддаваат впечаток на христијанско семејство какво што треба да биде.
-За мене како свештеник засекогаш ќе останат зборовите од свети апостол Павле каде што вели Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам. (1. Кор. 9,16) Нас свештениците и светиот Јован Златоуст, нè поучува дека пастирот на стадото Христово треба да биде неуморен во подвизите, патувањата, бденијата, грижите, советите, борбите, трофеите, победите и делата што го надминуваат секој човечки јазик и во тоа да се учат луѓето дека е подобро да се разделат од животот отколку од побожноста. Господ сите да нè укрепува во ова служење, ни вели скромниот о.Кирил.
Верниците полека си заминуваа од храмот. Нивната среќа дека имаат можност да празнуваат во црква која им е во близина, ни ја пренесоа и на нас. Ќе ни останат тие ликови задоволни врежани во сеќавањата.
Се свртевме уште еднаш кон храмот и ги оставивме бутелчани да и се радуваат на храмот.
за МИА