Стотици згради биле „целосно уништени“ во Појасот Газа во вечерашното израелско бомбардирање, соопшти денеска палестинската цивилна одбрана.
„Стотици згради и куќи беа целосно уништени, а илјадници станови се оштетени“, изјави Махмуд Басал, портпарол на Цивилната одбрана во Газа, палестинската територија контролирана од исламистичкиот Хамас – кој Израел вели дека сака да го „уништи“, пренесе Бета.
Тој додаде дека вечерашните интензивни бомбардирања „го промениле изгледот на Газа и северните области“.
Од бомбардирањето на улиците се создадени огромни кратери.
Неколку часа пред почетокот на масовното израелско бомбардирање, израелската армија синоќа го обвини Хамас дека води војна од болниците во Појасот Газа и дека го користи населението како „човечки штит“, што исламистичкото движење категорично го отфрли.
Војната беше започната на 7 октомври со напади на Хамас на израелска територија, без преседан по обем и насилство. Според израелската војска, 229 Израелци и странци се киднапирани и се држени како заложници во Појасот Газа, каде Хамас е на власт од 2007 година.
Министерството за здравство на Хамас објави дека повеќе од 7.300 луѓе, огромно мнозинство од нив цивили, вклучително и три илјади деца, биле убиени во израелските напади од 7 октомври.
МИА