Центарот на светот е мало гратче близу Вараждин

Луѓето од хрватското гратче Лудбрег, лоцирано во Вараждинската жупанија меѓу Вараждин и Копривница, велат дека целиот свет се врти околу нив. Нивниот град, велат, е Центар на светот.

Таквата идеја им ја всадил еден швајцарски доктор од 19-ти век по кого гратчето го носи името. Докторов, додека си играл со една мапа, решил да нацрта концентрични кругови со гратчето како центар. Од неговите географски шкртки му станало јасно дека линиите поминуваат низ неколку важни градови, и сите на еднаква дистанца од денешен Лудбрег. Ова „откритие“ го натерало докторот да го прогласи хрватското гратче за центар на светот.

Иако е повеќе од јасно дека се работи за неточна географска и уште посмешна логичка калкулација, Лудбрег денес сé уште се фали дека е јадрото на сé на планетава. На главниот плоштад им стои споменик од колоритни концентрични кругови во чиј центар се наоѓа грбот на градот заедно со целата наша планета. Со црни плочки се означени и другите градови, а целата слика изгледа баш како Лудбрег да е центарот на сончевиот систем, со другите градови што кружат околу него како да се планети.

Лудбрег си има и „Ден на центарот на светот“. Секој 1-ви април, во гратчето се организира голем фестивал, со многу музика и многу гозба. На тој ден, од главната градска фонтана тече вино, а не вода.

- Реклама -