Цела Босна се смее на гафот на британскиот амбасадор на Твитер: „Секоја чест, Саша!“

Вчерашиот твит на британскиот амбасадор во Босна и Херцеговина – Метју Филд, стана вистински хит на босанскиот дел од Твитер. Наивниот дипломат ѝ ги честиташе математичките успеси на фиктивната Саша Гарановиќ, не знаејќи дека всушност твитот на кој одговори е мајтап и дека се работи за прочуената актерка од филмовите за возрасни – Саша Греј.

„Ова е Саша Гарановиќ од Фоча, студентка на Електротехничкиот универзитет во Сараево, која на математичката олимпијада во Чикаго вчера го освои високото трето место. За ваквите девојки, нажалост, не зборуваат на вестите“, пишува во шеговитиот твит на еден Босанец потпишан како RUSH. Во твитот, во склоп на текстот, прикачена е фотографија не од некаква Саша од Босна, туку Саша Греј.

Арно ама, британскиот амбасадор или ѝ ги нема гледано филмовите, или не ја препознал, па наседнал на шегата и го споделил твитот, јавно честитајќи ѝ го „прекрасниот успех“ на „успешната млада студентка“.

„Секоја чест, Саша!“

Откако реакциите во коментарите го освестиле Филд за грешката, тој го избришал твитот и признал дека наседнал.

„Е па ете, очигледно наседнав на босанскиот хумор. Но барем успеав да влезам во историјата. Сега знам колку ме следат на Твитер. И тоа е нешто. Го избришав! Намерата беше добра“, напишал Филд во своето „извинување“.

- Реклама -