Царовска одговори на дилемите на информатичарите околу дигитализацијата на учебниците

Министерката за образование и наука – Мила Царовска, одговори на прашањата од областа на информатиката, кои дел од граѓаните, пред сѐ инженерот по информатика со 30 години работно искуство – Николчо Петров, ги покренаа на социјалните мрежи во однос на реформата на образованието која предвидува дигитализација на учебниците, посебно околу техничките капацитети за нејзиното спроведување.

„Еве ги одговорите на истите, бидејќи секогаш одговараме и ги разрешуваме дилемите во однос на сите аспекти на реформата“, напиша Царовска.

1) Дали на клупите има приклучок за струја за секое дете? Се сомневам дека и само ова сме способни да го реализираме до септември.

Царовска/МОН: На клупите нема потреба да има приклучок за струја, наставата воопшто не е замислена да се одвива на компјутери или таблети. Се дигитализираат учебниците, не целосно наставата. Во училница најважна е интеракцијата помеѓу наставникот и учениците, а наставата ќе се одвива на тој начин како и досега. ИТ технологијата ќе биде само дополнително помагало во ситуации кога наставните теми го наложуваат тоа. Дигиталните учебници се помагала за учениците кои ќе ги користат за потсетување и пребарување на материјалот, а самите наставни програми ќе се учат и совладуваат на училиште каде учениците ќе поминуваат подолго, но поквалитетно време.

2) На 2-3 одделенија ќе треба барем по еден информатичар, техничко лице за поддршка. Наставниот кадар е далеку од способен да врши ваква поддршка.

МЦ/МОН: Училиштата кои ќе обезбедат уреди согласно планот за обезбедување на ИТ уреди за одредени категории на деца и семејства кои не може да си дозволат пристап до опрема, ќе бидат должни исто така да обезбедат ИТ поддршка за истите. Најголем дел од ученците и децата веќе имаат уреди. За нас е важно да се обезбеди ИТ поддршка за оние семејства кои ќе добијат уреди од училиштата и тоа е веќе во планот.

3) Знаете дека компјутерскта опрема застарува за 3-4 години, нели? Ќе трошат по 20-30,000 денари секои 2 години за нови лаптопи.

МЦ/МОН: Дигитализацијата подразбира и одржување на ИТ опрема и обезбедување нова кога е потребно, и тоа е планот за сите оние семејства кои не можат тоа да си го дозволат. Реформата подразбира целосна поддршка во овој процес на семејствата и учениците.

4) Покрај хардверот, знаете ли колку чинат лиценците за офис алатки, антивирусен софтвер и сѐ друго што треба?

МЦ/МОН: За дигитализација и пристап до дигитални учебници не се потребни дополнителни софтверски лиценци, тие ќе бидат бесплатни за сите.

5) Знаете ли колкав % од учениците кои сега следат online настава пристапуваат од мобилен телефон со МАЛ ЕКРАН КОЈ НЕ Е УПОТРЕБЛИВ ЗА УЧЕЊЕ? Сигурно над 50%. Проверете!

МЦ/МОН: Пристапот до дигиталните учебници и форматите на истите ќе бидат прилагодени за сите уреди, вклучително и мобилни телефони. Сепак, уредите кои ќе се обезбедуваат од страна на МОН ќе бидат со доволно голем екран за непречено и лесно користење на материјалот.

6) Дали знаете дека со ковид кризата и омасовувањето на online работењето од дома лаптопите се дефицитарни, цените се покачени, испораките доцнат? Јас знам бидејќи набавувам за стотици луѓе кои имаат потреба да работат од дома.

МЦ/МОН: Ова е тема за која е разговарано на повеќе владини седници, а консултирани се и големи светски компании од областа на производство и дистрибуција на ИТ технологија, согласно чии ставови, предизвикот не е ненадминлив. Дополнително, олеснителна околност е етапното воведување на промените, така што од септември потреба од електронски уреди за користење на електронски учебници ќе имаат само учениците од 4то одделение, односно 20.000 ученици од кои најголем дел веќе располагаат со уреди. Ова значи дека нема да имаме голема побарувачка на компјутери како што тоа беше случај минатата година. Дополнително, ќе повторам дека за социјлано ранливите граѓани овој трошок ќе го преземе МОН.

7) Дали знаете дека компјутер без пристап до Интернет не вреди? Посебно за едукативни цели?

МЦ/МОН: За користење на електронски учебници не е потребен интернет. Учебникот се симнува на уредот само еднаш и останува додека корисникот не го отстрани. Мултимедијалните содржини кои ќе бидат составен дел од дигиталните учебници ќе бидат достапни и кога уредот не е поврзан на интернет. Интернет ќе биде потребен кога темата од одреден предмет наложува истражување, разгледување на друга мултимедијална содржина и слично, и уверена сум дека сите ќе добијат можност да го користат интернетот за такви прилики, или на часот или во домот“, одговори министерката.

Во гостување во ТВ „24“, Царовска додаде и дека дигиталната употреба на учебници нема да значи постојано гледање во таблетот или лаптопот, туку ќе претставува интерактивна настава и настава со работа во групи. Дигиталните уреди, рече министерката, учениците ќе ги користат за истражување на одредена информација, а потоа и дискусија за истата. Според неа, наставниот час нема повеќе да биде монолог на наставникот, туку ќе се одвива во форма на отворена дискусија, со искажување на сопствени ставови од страна на учениците.

- Реклама -