„Вие задолжително треба да ги исполнувате сите точки од Договорот за пријателство кој го потпишавте со Бугарија, вклучително и сѐ поврзано со историјата на Бугарија. Северномакедонците треба да ги признаат своите историски бугарски корени. Тоа е безапелационен услов кој не подлежи на преговори“, напиша на својот Фејсбук профил лидерот на „Има таков народ“ – Слави Трифонов, откако дел од медиумите пренесоа дека тој понудил „зелено светло“ за преговори за земјава во замена за укинување на визите за САД за Бугарите и Бугарија да стане дел од Шенген зоната. Сепак, Трифонов вели дека неговиот пост бил „погрешно прочитан“ од страна на луѓето кои „не го читаат текстот, а само насловот“, па оттука и потребата да дообјасни.
Во однос на ЕУ и САД/НАТО, тој го повтори барањето:
„Штом толку инсистирате ние да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, тогаш постапете партнерски кон нас, штом сакате ние да сме ви партнери – без визи за САД и веднаш во Шенген“.
Претходно, Трифонов напиша:
„Темата за Македонија, извинете – темата за Северна Македонија, е важна за сите Бугари. Зашто е дел од нашата национална историја и најважното – зашто над 200 илјади бугарски борци умреле за слободата и обединувањето на таа земја.
Бидејќи и јас сум Бугарин и е важно за мене, ќе го споделам моето мислење.
Бев еднаш во Македонија. Во Скопје, пред бугарската амбасада, имаше голем натпис, напишан со спреј. Натписот гласеше: ‘Бугари, умpeте!’. Стоев пред тој натпис половина час. Го гледав и си мислев – зошто, бе луѓе, што сме ви направиле за да чувствувате таква омраза?
По чисто историски и емоционални причини, не треба ли да е обратното? Нели стотици илјади од вас имаат бугарски пасоши? За да земете бугарски пасош, треба да ги докажете своите бугарски корени. Значи, вие кои имате бугарски пасоши во Македонија, извинете – во Северна Македонија, сакате самите вие да сте мpтви. Зашто сте Бугари. По пасош. И по ваша желба.
Во учебниците по историја ви пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, самите вие сте фашисти“, напиша Трифонов пред да ја соопшти својата позиција во пресрет на Консултативниот совет кај бугарскиот претседател Румен Радев закажан за 10-ти јануари.