Судија на претходна постапка доцна попладнево го прифати предлогот на Обвинителството и му одреди 30-дневен притвор на бизнисменот Ристо Крмзов. Тој ќе биде пренесен во истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.
МВР со детали – Злосторничко здружување, перење пари, даночна измама
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Други релевантни институции, поднесе кривични пријави против Р.К. (56), З.К.В. (30) и В.П. (29), сите од Струмица. Овие лица се сомничат за кривични дела „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“. Исто така, поднесени се пријави против Г.Т. (48), Д.М. (60), П.К. (67), В.К. (26), К.С. (41), К.М. (40), Н.Ф. (43), М.К. (48), М.М. (68), Е.Т. (61) и З.М. (59), сите од Струмица, поради истите кривични дела.
Пријавените, покрај горенаведените, вклучуваат и инспектори од Управата за јавни приходи и овластени сметководители, за кои постои основа на сомнение за „несовесно работење во службата“.
Според информациите, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година, користејќи правни лица, изготвувале лажни фактури и податоци за наводно извршен промет на добра и услуги. Тие знаеле дека фактурите се невистинити и дека не се направени плаќања. Со ова, пријавените оствариле противправна имотна корист од околу 5,8 милијарди денари, што претставува значителна штета за државниот буџет.