Кризата во таборот на Лос Анџелес Лејкерс стана уште поочигледна откако „Езерџиите“ го загубија и третиот натпревар на стартот од новата сезона.
Само за потсетување, Лејкерс претрпеа пораз на осумте меча во подготвителниот период, а дека лекцијата не е научена се покажа на дуелите со Далас, Портланд и овој последниот со ЛА Клиперс на којшто Коби Брајант и соиграчите сосема заслужено загубија со 95:105.
Со тоа, ЛА Лејкерс почна една сезона со три порази за прв пат по пауза од 34 години, па и на Брајант му е јасно дека треба да се работи напорно за работите да се променат.
„Треба да разбереме дека работите нема да се поправат сами од себе. Треба да се фатиме за работа, да тренираме најнапорно што можеме, да ги отстраниме грешките и да влеземе во победнички ритам“ – порача Брајант, чии 40 поени против Клиперси сепак не беа доволни за победа.
Неочекуван пораз претрпе и шампионот Мајами Хит, којшто загуби со убедливи 104:84 на гостувањето против Њујорк Никс. Во отсуство на неколку повредени кошаркари, Кармело Ентони ја презеде одговорноста врз себе и со 30 поени и 10 скокови го предводеше Њујорк до овој убедлив триумф.
Леброн Џејмс постигна 23 поени, Двејн Вејд беше стрелец на 15 поени, но двајцата најдобри кошаркари на Мајами имаа вкупно девет загубени топки и не можеа да му помогнат на својот тим да се врати од негативата од 33:17 здобиена по првите 12 минути игра.