Три лица убиени, неколку повредени во вооружен инцидент во Гњилане, Косово.

Три лица загинаа, а неколку се повредија во стрепотница која се случи попладнево во Гњилане, објавија портали од Косово, пренесувајќи информации од полициски извори.

Косовската полиција најпрво информираше дека две од жртвите се пронајдени мртви на местото на инцидентот, на улицата Ибрахим Ругова, а двајца повредени се згрижени во локалната амбуланта.

Болницата во Гњилане соопшти дека смртта на едно лице е потврдена на самото место на настанот, а уште две лица се пренесени во итната служба без знаци на живот, објави порталот „Косово онлајн“.

„Едно лице е хоспитализирано во Клиничкиот центар, додека друго е примено на Ортопедија. Не можеме да ја опишеме ситуацијата во детали, но ќе видиме дали ќе има промени во следните моменти“, изјави Кудрет Реџепи од Канцеларијата за медиуми на болницата во Гњилане, според приштинска „Коха“.

Осомничен за овие убиства е Мефаиљ Шкодра, за кого полицијата распиша потерница и побара помош од граѓаните во неговото пронаоѓање.

Медиумите брзо објавија фотографија од Шкодра, кој е во друштво на косовската претседателка Вјоса Османи, нејзиниот сопруг Приндон Садриу, како и со премиерот Албин Курти.