Со три гласа „против“, Собранието усвои Декларација за осуда на нападот на Русија на Украина

Со 100 гласа „за“, три „против“ и ниту еден „воздржан“, Собранието вечерва донесе Декларација за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, поднесена од пратеничките Моника Зајкова од ЛДП и Маја Морачанин од ДОМ.

„Сметаме дека со ништо неиспровоцираната руска агресија врз Украина, претставува еклатантно кршење на меѓународното право и со тоа ја загрозува европската безбедносна архитектура и мирот на континентот. Ние го почитуваме правото на Украина, како и секоја суверена држава, самостојно да одлучува за своето внатрешно уредување и за своите меѓународни приоритети. Бараме од надлежните институции да бидат во тесна координација со членките на НАТО и на ЕУ и да се поддржат дипломатските напори за итен и безусловен прекин на воените дејствија во Украина“, рече Морачанин.

Таа апелираше до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од говор на омраза и ширење на дезинформации.

„Апелираме и до институциите да дадат придонес во обезбедување на хуманитарна помош за украинските бегалци, без разлика на која територија престојуваат“, нагласи Морачанин, која потенцира дека нашата држава мора да ги отвори вратите за бегалците од Украина.

Пратеникот Елми Азири рече дека и пратеничката група на Алијанса за Албанците ја поддржува Декларацијата.

„Овој напад е напад врз нашите заеднички западни вредности, напад врз западната цивилизација и врз слободата и демократијата, и ние како држава, преку оваа Декларација, укажуваме дека не сме рамнодушни кон овие настани. Загрижува тоа што нашиот северен сосед не стана дел од демократските држави на светот. Ситуацијата со Украина покажа колку се значајни сојузите со западните демократски држави, кои за основа го имаат за мирот и врз основа на мирот ја градат својата иднина“, рече Азири.

Тој ја повика нашата Влада и албанските власти да се оградат од проектот наречен „Отворен Балкан“, бидејќи, како што рече, во него е „една држава која ја нема истата позиција како Република Северна Македонија“.

Пратеникот Борислав Крмов изјави рече Левица нема да ја поддржи Декларацијата бидејќи, како што оцени, таа е еднострана.

„Собранието не ги осуди воените дејствија кои изминатите осум години се случувале во Донбас. Ние немавме декларации за тие 14.000 загинати луѓе, немаме лиење солзи за тие деца, а за сегашната ситуација, имаме. Немаме осуда за ултрадесничарскиот Десен центар, кој секогаш кога украинската Влада ќе најави некаков договор со Донбас, тие се закануваат дека ќе ја срушат насилно власта. Ние немаме ниту една осуда за таа ситуација“, рече Крмов.

Прочитајте и:  Вонредно обраќање на Путин до нацијата во врска со војната во Украина

Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите рече дека меѓународното право многупати било прекршено досега, а однесувањето на САД во последните 30 години го нарече „конструктивна деструкција“.

„Дали само ќе го почитуваме меѓународното право кога некој ќе ни каже? Имавме пресуда од Меѓународниот суд на правдата во Хаг за спорот со името со Грција, па меѓународното право се прекрши. Се наметнува униформиран начин на владеење со светот“, рече Стоиљковиќ, кој потенцира дека „не може кога ви одговара да бидете за меѓународното право, а кога не ви одговара да го прекршувате“.

Тој смета дека нашата држава треба вратата да ја остави отворена кон сите, оти едностраниот пристап не води кон никаде.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ – Антонијо Милошески, соопшти дека нивната пратеничка група ќе ја поддржи Декларацијата.

„Во ОН, пред неколку дена се изгласа Резолуција за поддршка на територијалниот интегритет на Украина и за неа гласаа земји кои се битни за нашата држава, меѓу кои се Хрватска, Албанија, Србија, Грција, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Турција и многу други. Би апелирал разликите кои ги имаме меѓу себе да не ги проектираме регионално“, рече Милошоски.

Тој истакна дека правото на Украина да има своја политика и да поставува свои надворешно политички приоритети, и правото на Украина како суверена држава да не ѝ се мешаат во внатрешните работи, е принцип кој треба да го почитуваме, изразувајќи надеж оти и нашата Влада ќе го почитува овој принцип во разговорите со Бугарија.

Милошоски забележа дека претседателот Стево Пендаровски, иако имал информации за инвазија на Украина уште на 5 ноември минатата година, тој и Владата не сториле ништо за да ги информираат нашите граѓани во Украина.

- Реклама -