Третиот пакет економски мерки, кои денеска ги претстави премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција, ќе овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и на стопанството.
Како што рече Спасовски, ова се мерки за нова, развојна македонска економија, преку кои ќе се зголеми потрошувачката и ќе се стимулира заштита, промоција и раст на домашната економска понуда. Со новата развојна економија ќе се зголеми и нашата конкуретност, и во регионот и пошироко, рече тој.
Според Спасовски, ефектите од овој нов пакет економски мерки се однесуваат на сите нивоa и ќе ги почувствуваат сите граѓани и многу ресори во економијата.
„Ние сме социјална држава и солидарно општество и затоа во мерките може да се пронајде секој – зашто секој треба и секој ќе добие поддршка“, рече Спасовски.
Според него, мерките ќе придонесат за:
• Поттикнување на приватната потрошувачка на граѓаните, ќе може повеќе да се троши, за подобро да се живее и повеќе да се работи
• Заштита на постоечките, и креирање и нови работни места, особено во секторите кои ќе ја употребат дигитализацијата
• Зголемена конкурентност на нашите компании на домашно, регионално и глобално ниво
• Интервентно активирање на домашниот туризам
• Промоција на нови земјоделски култури и поддршка на земјоделците за уште поголем квалитет и обем на домашно прозиводство
• Развој на економските дејности со воведување ИТ и онлајн активности и алатки
• Формализирање на дел од неформалната економија
• Стимулирање и зголемување на безготовинските и онлајн плаќања, како инструмент за сузбивање на сива економија
Третиот пакет мерки ќе ги опфати:
• Граѓаните: невработените лица, социјално ранливите категории, младите (средношколци, студенти и млади до 29 години), домаќинствата со ниски примања, медицинските лица
• Стопанството – економијата: погодените сектори од кризата, домашните компании (производствени, прехрамбени и други капацитети), извозните компании, услужната дејност, земјоделството и туризмот.
„Ние одлучивме дека оваа здравствена и финансиска криза нема да ја гледаме само како проблем и ризик, туку пред сѐ како нова можност за нова македонска економија, за структурни промени и раст“, истакна премиерот.
Вкупната вредност на мерките од првиот и вториот пакет економски мерки опфаќаше сума од 200 до 250 мил еур или 2% од БДП, додека третиот сет мерки ќе изнесува 355 милиони евра.Вкупниот влог во новата развојна македонска економија, трите пакети мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5 до 5.5% од БДП и со нив ќе бидат опфатени 730.000 корисници.
ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ ЗА ГРАЃАНИТЕ – ЗА ПОГОЛЕМА ПОТРОШУВАЧКА И ЗА РАЗВОЈ НА ДОМАШНИТЕ ЕКОНОМСКИ ДЕЈНОСТИ
а) Платежна картичка за граѓаните – по 150 евра за македонски производи и услуги
Оваа мерка е достапна за сите невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 месечни приходи според Управата за јавни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош.
Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашни производи и услуги, се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија.
Но, пред сѐ, се зголемува куповната моќ на граѓаните и со тоа се олеснува животот во услови на криза.
Со оваа мерка се опфтeни околу 100 илјади граѓани, а платежна картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги и во определен период од 30 дена. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.
б) Ваучер за домашен туризам од 100 евра и домашна платежна картичка од 50 евра
Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме домашниот туризам.
Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно и немаат други приходи во 2018 година, според УЈП.
Оваа мерка опфаќа околку 100 илјади граѓани, а вредноста е 16 милиони евра.
Ваучерот може да се користи во домашните хотели и други сместувачки капацитети, додека со платежната картица поттикнуваме купување на домашни производи и услуги.
в) Парична поддршка за студентите и средношколците од 100 евра и платежна домашна картичка од 50 евра
Силна поддршка за младите, за да продолжи образовниот процес непречено и за да се обезбеди куповната моќ, како придонес кон студентскиот и средношколскиот стандард.
Со оваа мерка се таргетираат 100 илјади корисници, нашите млади сограѓани, а вредноста на мерката е 9 милиони евра.
Мерката опфаќа ваучери од најмногу 100 евра за покривање на партиципација во Универзитет, како и сместување во студентски, ученички домови и регистрирани сместувачки капацитети за студенти и средношколци. Мерката вклучува и платежна картичка за студенти и средношколци, во вредност од 50 евра за домашни производи и услуги.
г) Ваучери за кофинансирање на обуки, тренизни и курсеви за ИТ и дигитални вештини
Преку покривање на трошоците за тренинзи и обуки, ги подржуваме младите да стекнат знаења и ИТ вештини кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија.
Оваа мерка ќе опфати од 7.000 – 10.000 млади до 29 години, во вредност од 3 милиони евра.
д) Викенд без ДДВ за сите граѓани
Преку поевтини цени за граѓаните, поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори, како што се продавниците за гардероба, бела техника, мебел, санитарија, школски прибор и книги.
Oчекуваме дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство.
Ѓ) Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020
Со оваа мерка им даваме можност за паричен надоместок, на сите лица кои ја изгубиле својата работа вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено, но и добиле отказ од работодавачот.
Оваа мерка ги опфаќа лицата кои останале без работа во периодот од 11 март до 30 април кои имаат престанок на работа по сонов на невработеност за давање на писмена изјава за престанок на работниот однос, спогодбен престанок на работниот однос и за престанок на работниот однос со отказ од страна на работодавачот.
ДИРЕКТНА ПОДДРШКА НА МАКЕДОНСКОТО СТОПАНСТВО – ИНОВАТИВНОСТ И РАЗВОЈ ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ПОСТОЈНИТЕ И ЗА НОВИ РАБОТНИ МЕСТА
a) Бескаматни кредити за фирми преку Развојната Банка на Северна Македонија, во вредност од 31 милион евра – поддршка за жените, младите и дигитализацијата во бизнисот
Оваа бескаматна кредитна линија во вредност од 31 милион евра ќе биде достапна за сите микро и мали компании, а истата ќе понуди и 30% грант (неповратни средства) за оние компании кои се водени или основани од жени или вработуваат млади лица, се извозно ориентирани или воведуваат иновација и дигитализација во нивното работење.
б) Државна гаранција за комерцијални кредити за поддршка на Старт ап и мали и микро компании
Државата става на располагање финансиски средства од 125 милиони евра на извозно ориентираните компании, за поддршка и преземање на дел од ризикот за комерцијалниот кредит.
в) Гаранција за обезбедување на царинскиот долг – за поголем извоз и полесен пристап до суровини за домашните компании
Со гаранцијата за обезбедување на царинскиот долг го поддржуваме извозот и го олеснуваме пристапот на суровини за преработка на македонските компании во износ од околу 25 милиони евра, преку Развојната банка на РСМ.
г) Нови 25 милиони евра за приватниот сектор – за нови пазари, конкурентност и модернизација
Согласно Законот за финансиска поддршка со 25 милиони евра преку програмата за зајакнување на конкурентноста на индустријата им помагаме на компаниите за освојување на нови пазари, зголемување на нивната конкурентност, како и модернизација на процесите.
д) Дигитална платформа за нови пазари за текстилните компании
Со финансиска поддршка од 1 милион евра ќе им помогнеме на овие индустрии да креираат платформа на која ќе може да ги пласираат своите производи на нови пазари.
ѓ) Поддршка за развој на домашни старт-ап продукти и услуги преку ФИТР
Нови 1,6 милиони евра за развој на иновативни продукти и услуги преку ФИТР, како и трансформирање на македонско туристичко село во скопско Нерези во македонско СТАРТ АП село. Директно го стимулираме отворањето нови сопствени бизниси.
е) Кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари
Со финансиска помош од 245 илјади евра ќе им помогнеме на компаниите преку субвенционирање на 50% од трошоците за организација на настани, обуки и конференции, до максимален износ од 30.000 денари.
ПОДДРШКА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ – НОВИ ПРИХОДИ ОД ПЛОДНАТА МАКЕДОНСКА ЗЕМЈА
а) Поддршка на аграрниот сектор од 5 милиони евра преку Развојната банка
Со 5 милиони евра ги поддржуваме микро, малите и средни претпријатија кои вршат примарно производство, преработувачите и извозот на примарни и преработени земјоделски производи.
б) Платежна картичка за субвенционирање на 50% од зелената нафта за земјоделците
По ланското субвенционирање од 30%, со оваа мерка го зголемуваме субвенционирањето на потрошувачката на зелена нафта на 50%.
Оваа мерка ќе опфати 50.000 земјоделци, а вредноста е 4.6 милиони евра.
в) Стимулирање на преработувачите на грозје за производство на нови продукти
Преку оваа мерка ги стимулираме преработувачите на грозје и винариите да произведуваат алкохолен дестилат кој ќе се користи од страна на домашните хемиски компании за производство на средства за дезинфекција. Во следните три години, нашата финансиска поддршка ќе изнесува 3,5 милиони евра.
г) Овозможуваме јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор
Преку модернизирање и ставање во функција на капацитети во производство на преработки од тутун и грозје со цел понатамошно уште посилно развивање на лозарството и тутунскиот сектор, како земјоделски гранки кои се повеќе и повеќе извезуваат.
Оваа стратешка определба ќе донесе голем бенефит, првенствено за македонските лозари и тутунари, но и за самата држава и брутодомашниот производ. На краток рок, очекувањата за инвестициите треба да достигнат 10 милиони евра.
д) Окрупнување на земјоделско земјиште за поголема конкурентност на македонското земјоделство
Оваа мерка овозможува ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште како и охрабрување на домашното земјоделско производство, но и нови инвестиции во овој сектор. Од оваа мерка очекуваме приходи од 250 милиони евра во следните три години и зголема конкурентност на македонското земјоделство.
ѓ) Долгорочен закуп на пасишта
Преку оваа мерка овозможуваме издавање на пасиштата на долгорочен закуп со што сточарите ќе имаат на располагање околу 500.000 хектари пасишта за напасување на добитокот.
е) Програма за финансирање на микро земјоделски компании
Со 3 милиони евра ќе овозможиме финасирање на Страт ап семејни винарии и фарми на кои ќе им бидат достапни грантови до 10.000 евра за опрема за преработка но и за маркетинг на растителни, млечни и месни производи.
ж) Модернизација на земјоделство
Со оваа мерка преку кредит на Светска банка од 50 милиони евра ќе овозможиме модернизација на мк земјоделството со цел зголемување на конкуретноста и профитабилноста.
БЛАГОДАРНОСТ ЗА НАЈИЗЛОЖЕНИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ!
Награда од 20% од основната плата за 2 месеци.
За докторите и медицинскиот персонал на инфективните клиники и одделенија, клиниката за инфективни болести, институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, како сите членови на тимовите од итна медицинска помош.