Трендови: Маичка од тантела

Тантелата e повторно „ин“ оваа есен, а ако се плашите дека таа припаѓа само во плакарите на најромантичните девојки, размислете повторно. Со малку кожа, лак, метал и високи потпетици, и најнежната тантела може да добие суров, моторџиски изглед.

Затоа, заборавете на предрасудите дека само малите девојчиња и повозрасните жени може да комбинираат тантела во секојдневниот изглед, затоа што денес дизајнерите ја вметнуваат во толку многу комбинации, што буквално може да биде прогласена за неутрален материјал. Едно парче од тантела во изгледот може да ве однесе во стилови од ултра-женствен, ретро-гламурозен, па се до мрачен и стегнат.

Во серијалот Како да претворите едно парче облека од дневна во вечерна варијанта, модниот портал College Fashion, овој пат пишува токму за маичката од тантела.

За женствен дневен изглед, комбинирајте ја маичката од тантела со омилениот пар фармерки во пастелна боја. Задолжително носете ги сега почесто, пред да преминете на темната зимска гардероба. Додајте му винтиџ-печат на изгледот со пар чевли во оксворд-стил со врвки, како и марама со впечатлив принт. Останатите делови во комбинацијата нека бидат смирени и неупадливи, како едноставни обетки и еднобојна чанта.

За вечерна варијанта стилизирајте го изгледот со смело здолниште во јака розова боја, со карнер околу струкот (пеплум-стил), кое е апсолутен хит оваа есен. Со ова комбинирајте сандали со голем број ремчиња во црна боја, како и мала чанта со рачка од синџир. Кога е накитот во прашање, носете кабест ѓердан и впечатлив прстен во истиот стил. [Class to Night Out: Lace Top]

- Реклама -