Трансџендер на насловната страна на германскиот Плејбој

Германското издание на списанието за стрејт мажи, по прв пат ќе добие насловна страница со трансџендер модел, пренесува BBC.

21-годишната Џулијана Фарфала ќе биде гола, според традицијата на сличните списанија во Германија. Таа е позната по своето учество во германското ТВ риалити шоу „Следниот топ модел на Германија“.

Главниот уредник на германскиот Плејбој – Флоријан Боитин, изјави дека Фарфала е „прекрасен пример за тоа колку е важна борбата за правото на самоопределување“.

Фарфала, родена како Паскал Радермахер, доаѓа од југозападна Германија. Вели дека уште од раното детство насетувал/а дека нешто не му/ѝ е во ред со телото. На операција за промена на полот се подложила на своја 16-годишна возраст.

Фарфала се пофали дека е горда на фотосесијата за Плејбој („нејзиниот“ број ќе излезе во продажба во четврток), и дека се надева дека нејзиниот пример ќе охрабри и други трансџендер и транссексуални луѓе.

По бројните критики за ваквиот потег на Плејбој, Боитин изјави дека поставувањето на Фарфала на насловната страна е целосно во согласност со традицијата на основачот на списанието Хју Хефнер, кој наводно „решително се противеше на секоја форма на исклучување и нетолеранција“.

Во меѓувреме, се поставува прашањето: Ако трансџендери на насловна на Плејбој е дел од традицијата, зошто дури сега ќе се случи за прв пат?

Како и да е, мразот со трансродни модели на насловна лани го проби и американското издание на Плејбој, а францускиот модел Инес Рау ќе остане во историјата како првата транссексуална плејмејтка во историјата на Плејбој.

 

- Реклама -