Американскиот претседател Доналд Трамп ја предупреди Кина дека би можела да сноси последици бидејќи можеби „свесно е одговорна“ за пандемијата на коронавирусот.
„Можеше (пандемијата) да биде сопрена во Кина пред да почне, но не беше, и сега целиот свет пати поради неа“, им кажа Трамп на новинарите во Белата куќа.
„Ако тоа била грешка – грешка е грешка. Но ако се свесно одговорни, сметам дека тогаш секако треба да има последици“, додаде Трамп.
Американскиот претседател не објасни какви чекори ќе преземат САД.
Трамп кажа дека Кинезите биле „збунети“ и дека прашањето е дали коронавирусот е „грешка која избегала од контрола или е тоа намерно направено“.
„Постои значителна разлика меѓу тие две сценарија“, кажа тој.
За бројките на заразени и умрени во Кина вели дека се „нереални“.
„Велат дека сме ние на првото место по стапката на морталитет, но тоа не е вистина. Кина е број еден, а не ние. Разликата не е мала, не сме им ни блиску. Само тоа да го знаете. Јас го знам. Тие го знаат. Но ништо не сакаат да кажат. Зошто? Тоа ќе мора да му го објасните на светот. Еден ден и јас ќе објаснам“, кажа Трамп.
Here is the conclusion of one of the most unhinged and bizarre rants I have ever heard Trump go on. Keep in mind this is a press briefing about a pandemic that is killing over 1,000 Americans each day right now. pic.twitter.com/3PGe9MsOQb
— Aaron Rupar (@atrupar) April 18, 2020
Американскиот претседател и други високи американски функционери ја обвинија Кина за нетранспарентност околу избивањето на епидемијата на крајот на минатата година во Вухан, а оваа недела Трамп го прекина американското финансирање на Светската здравствена организација (СЗО), обвинувајќи ја дека „соработува со Кина“.
Исто така, многумина изразија сомнеж во официјалните кинески бројки, а кинеските власти во петокот објавија дека бројот на умрените во Вухан е двојно поголем, додека Кина асимптоматските лица, кои потврдено имаат коронавирус, не ги вбројува во официјалниот број на заболени.
Трамп на почетокот го фалеше кинескиот одговор на епидемијата на коронавирусот, за по некое време да почне да го вика „кинески вирус“, додека портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи објави дека американски војници го донеле вирусот во Кина.
Трамповите критичари во САД признаваат дека Кина лошо постапубала при избивањето на епидемијата и дека треба да се разјасни што навистина се случило, но велат дека Трамп ги користи грешките на Пекинг за да го одврати вниманието, бидејќи и самиот лошо реагираше на кризата и тврдат дека сака да го искористи антикинеското расположение кај некои гласачи за да победи на претседателските избори во 2020.
Трамп на почетокот на март го споредуваше ковид-19 со сезонскиот грип.
И покрај жестоката реторика од двете страни, САД поприлично зависат од Кина за увозот на заштитна опрема против вирусот, а Трамп сака и да го одржи тешко постогнатиот трговски договор.