Трамп прифати средба со лидерот на Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп ја прифатил поканата за средба со лидерот на Северна Кореја Ким Џонг–ун, а местото и датумот ќе бидат дополнително договорени. Информацијата за наводната средба доаѓа по изјавите на директорот на јужнокорејската Служба за национална безбедност кој за време на посетата на САД рече дека од Ким Џонг-ун добил ветување дека Северна Кореја ќе се воздржи од нови нуклеарни и ракетни проби. Претставникот на Сеул рече и дека Трамп изразил желба да се сретне со лидерот на Северна Кореја до мај годинава.

„Ова е навистина исклучително, интересно исто така е и тоа што Севернокорејците навестуваат, според Јужнокорејците, дека тие немаат проблем со заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја“, вели поранешниот американски амбасадор во Сеул, Крис Хил.

Аналитичарите можниот самит го оценуваат како огромен чекор напред кон конечно решавање на полувековниот корејски спор. Но предупредуваат дека Северна Кореја и претходно ја стопирала својата нуклеарна програма за да седне на преговаачка маса, за по одреден период да изгуби трпение или да се повлече од преговорите кога ќе оцени дека не го добива тоа што го бара, и да ја продолжи. Исто така, остриот речник на двајцата претседатели, употребуван во втората половина на минатата година, ги донесе земјите на раб на војна.

Роберт Кели – Професор за меѓународни односи на Националниот универзитет Пусан

„Мислам дека постои голем скептицизам затоа што како што рече и вашиот дописник, пред два месеци зборувавме за воздушни напади и нуклеарна војна и слични работи. И сега одеднаш за два месеци зборуваме за некаков конечен договор на полуостровот“, вели професорот Роберт Кели.

Трамп преку твитер потврди дека тимовите на двајцата претседатели ја организираат средбата. Оцени дека е постигнат голем напредок со Северна Кореја, но санкциите против неа ќе останат се до склучување на договор.

Сите држави вклучени во ова прашање ја поздравија најавата за средба и изразија надеж дека таа ќе придонесе во постигнувањето конечен договор. Аналитичарите, меѓутоа препорачуваат претпазливост, иако јужнокорејците проценија дека политиката на максимален притисок на Трамп дава резултати, сепак посочуваат дека ова може да биде уште една пропагандна победа на Ким Џонг – Ун, во која тој ќе биде виден како страната која ја подава раката за преговори.

Извор: Telma

- Реклама -