Трамп бара 10 милијарди долари од Си-Би-Си поради наводно изменето интервју со Камала Харис

Кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп, поднесе тужба против американската телевизиска мрежа Си-Би-Ес (CBS), поради интервју со неговата ривалка Камала Харис, кое наводно ги довело гласачите во заблуда.

Тужбата, поднесена вчера во судот во Тексас, обвинува дека Си-Би-Ес њуз емитувала две различни изјави од демократската кандидатка за претседател Камала Харис на прашање поврзано со војната меѓу Израел и Хамас во Газа. Верзијата емитувана во програмата „60 Минути“ на 6 октомври го исклучила, како што се наведува во тужбата, неразбирливиот одговор на Харис за влијанието на администрацијата на претседателот Џо Бајден врз постапките на Израел во војната.

Републиканскиот кандидат во тужбата всушност го обвинува Си-Би-Ес за уредување на одговорот на Харис така што тој изгледал појасен.

Тужбата е поднесена во федералниот суд во градот Амарило, Тексас, каде има само еден судија -судијата Метју Каксмарик. Според американските медиуми, судот на овој судија станува популарна дестинација за тужби поднесени од републиканците.
Си-Би-Ес њуз ги отфрли тврдењата. – Постојаните обвинувања на поранешниот претседател Трамп против ’60 Минути‘ се лажни, рече портпаролот на Си-Би-Ес Њуз. – Тужбата што Трамп ја поднесе против Си-Би-Ес е целосно неоснована и ќе се браниме од неа енергично.“

Тужбата бара судење со порота и отштета од околу 10 милијарди долари, покажува документот. Се наведуваат и прекршувања на законите на Тексас против измамнички активности во бизнисите.

Прочитајте и:  Елен Деџенерис наводно се иселила од САД поради победата на Трамп

На своите митинзи во рамки на кампањата, Трамп постојано го критикуваше Си-Би-Ес поради оваа епизода и се заканува дека ќе им ја одземе лиценцата доколку биде избран.

Си-Би-Ес соопшти дека Трамп се повлекол од неговото интервју со „60 Минути“.
Оваа тужба е само уште еден пример на проблематичниот однос на Трамп со медиумите, пишува Ал Џезира. Тој често ги нарекува медиумите „лажни вести“ и „непријатели на народот“, повикувајќи на одземање на лиценците на телевизиските станици. Сепак, Трамп продолжува да разговара со медиуми како Фокс Њуз, кои ги смета за пријателски, и редовно одржува спонтани прес-конференции за време на кампањата.

Организацијата Репортери без граници (позната под францускиот акроним РСФ), која следи слобода на медиумите низ светот, изрази загриженост дека Трамп претставува „егзистенцијална закана“ за способноста на медиумите да ја извршуваат својата работа во САД.

РСФ анализирала коментари на Трамп од неговата кампања во периодот од 1 септември до 24 октомври 2024 година и открила дека тој „навредил, нападнал или се заканил на медиумите барем 108 пати во јавни говори или изјави.“
Извршниот директор на РСФ, Клејтон Вајмерс, предупреди дека ваквите зборови може да доведат до физичко насилство врз новинарите.

- Реклама -