Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, денеска до Уставниот суд поднел иницијатива за преиспитување на уставноста на последните измени на Кривичниот законик, со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената должност и злосторничко здружување и се предвидува декриминализација на кривичното дело поврзано со јавните набавки на штета на државата.
Како што информираат од партијата, во иницијативата се укажува на обврската уставните одредби за владеење на правото и законите да важат подеднакво за сите, како и на потребата од заштита на државниот имот од злоупотреби на носителите на јавни функции.
Демократскиот сојуз очекува и Уставниот суд, по службена должност, да донесе времена мерка за одложување на примената на измените во Кривичниот законик до донесување конечна одлука за Иницијативата.