Партијата што ќе прифати уцена како таа на ДУИ за премиер Албанец треба да се избрише од политичката сцена, смета Павле Трајанов – лидерот на Демократски сојуз, која е во коалиција со СДСМ, во вечерашното гостување во „Само Вистина“ на ТВ „Канал 5“.
Сепак, Трајанов е убеден дека ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да го прифатат тоа, без оглед дали е голем притисокот. Од друга страна, и покрај тоа што оцени дека ДУИ се реални и знаат дека идејата за премиер Албанец нема да помине, Трајанов е согласен дека тие по никоја цена не попуштаат, што за него е неприфатливо.
„ДУИ претендира да биде единствен легитимен претставник на сите Албанци, што не е така, бидејќи има и други партии, а притоа да не заборавиме дека голем број Албанци гласаа за коалицијата ‘Можеме’. Сметам дека има национализам, за преку одредени екстремни изјави да се подигне нивото на преговарачкиот процес, да се подигне црвената линија. ДУИ имаше добра кампања за да биде во центарот на вниманието со флоскулата премиер Албанец и тие инсистираат на тоа по секоја цена, што за мене лично е неприфатливо“, рече Трајанов.