Трајанов: Нема услови за ново мнозинство, да се размислува за широка коалиција

Во Парламентот нема услови за ново мнозинство. Наместо тоа, треба да се размислува за широка коалиција во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии, смета пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

„Mислам дека сега нема услови за ново парламентарно мнозинство, ниту пак некој за тоа веќе разговара. Помина таа тема и сега, можеби, поблиску сме да се отвори прашањето околу тоа дали треба да се организираат предвремени парламентарни избори или, пак, треба да се оди до крај на мандатот. Во една ваква ситуација, моја сугестија е, прво и прво, да се размислува за некоја широка коалиција, во која ќе бидат вклучени сите парламентарни партии и мислам дека на тој начин ќе се вклучат сите можни капацитети во државата за надминување на предизвиците со коишто се соочува сега нашата држава“, изјави Трајанов за емисијата „360“ на ТВ „Алсат“.

Под широка коалиција, како што рече Трајанов, тој подразбира во неа да влезат и ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии.

„Па, мислам дека тоа како тема треба да биде, тоа е една од клучните теми, а втора тема, се разбира, дека треба да биде договор за потреба од одржување на предвремени избори, врзано со промените на Уставот, бидејќи ако секојдневно слушаме – имаме пратеници од опозицијата итн – во парламентарното мнозинство нема единство околу ова прашање“, рече тој.

Извор: МИА

- Реклама -