Трајанов: Ако Бугарија признае македонско малцинство тоа ќе биде историско, сите отворени прашања брзо ќе се затворат

Добро е што претседателите на политичките партии разговарале, но проблемот е што за ниту едно прашање не се изградил заеднички став, оцени претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, по денешната лидерска средба во Собранието. Сепак, смета тој, ваквите разговори треба да продолжат, но ако се сака единствно, потребно е да се направи дополнителен напор и од СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и другите партии.

Трајанов потенцираше дека Демократски сојуз не се противи  Бугарите да влезат во Уставот, но  бара тоа да биде реципрочно и за Македонците во Бугарија.

„Жалам што имаа историска шанса лидерите на политичките партии да упатиме јасна порака, јасни барања до Бугарија да ги признаат правата на Македонците, затоа што сигурен сум дека корените на сите проблеми се наметнати од Бугарија со тоа што го негира нашиот јазик и народ. И доколку го направат тој чекор, тоа ќе биде со историски димензии и сите отворени прашања многу брзо ќе се затворат“, рече Трајанов.

Тој преку медиумите апелираше до Бугарија да ги признае правата на македонското малцинство и да започне со спроведување на одлуките на Судот во Стразбур.

На средбата, рече лидерот на ДС, тој зборувал и за потребата од „робусна борба против корупцијата и криминалот“ кои, како што рече, станале вредносна категорија во Македонија. Повикал сите креативни луѓе да се вклучат во скрининг процесот, а воедно укажал и на разочарувањето на граѓаните од функционирањето на системот и институциите во државата.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Трајанов информираше дека се отворила и темата за предвремени избори. Како што најави пред средбата, Трајанов сугерирал формирање на широка коалициска влада, но, како што посочи, „Демократски сојуз не е таква политичка партија која може тој став да го наметне“. Доколку не се обезбеди единство за сите овие важни прашања за „напредок на државата“, оцени тој по средбата, темата за предвремени избори логично ќе се наметне на партиите што се за промена на Уставот – доколку добијат поддршка на тие избори, тоа ќе можат да го направат. Според Трајанов, во случај да нема консензус по прашањата, тој тоа и го предложил.

Сепак, подвлече тој, опстојувањето на Владата и мнозинството не зависи само од него или само од бројките. Додаде дека уште една партија чека за влез во Владата.

- Реклама -