Анализирајки ги сопствените резултати од последната финансиска година, еден од најголемите автомобилски производители на планетава – Toyota, објави дека ситуацијата во моментов е во фаза кога се најавува нова сериозна криза во браншата.
Според шефот на јапонскиот производител – Акио Тојода, тоа ќе влијае не само на неговата компанија, но и на целата автомобилска индустрија, се наведува во изданието на Automotive News. Последната финансиска година заврши со намалување за 21% на чистата добивка кај Toyota. Се очекува и во наредниот период овој тренд да се задржи. Според Акио Тојода, тоа се должи на глобалните промени во автомобилската индустрија – масовна појава на мали производители и развој на нови технологии, вклучувајки системи за автономно управување и големата електрификација на транспортот.
Шефот на Toyota е категоричен дека на најголемите автомобилски концерни ќе им треба многу време за да се ориентираат во новата реалност и да се прилагодат на промените. За да се случи тоа, јапонската компанија која сака да го врати водството во индустријата, ќе вложи нови 9 милијарди долари во развој на нови технологии. Особено, Toyota започнува активен развој на електричен транспорт. За таа цел Јапонците се подготвени дури и да се откажат од развојот на водородни мотори врз кои беа се фокусирале во последниве неколку години и вложија огромни напори и средства. Во компанијата се на мислење дека оваа технологија има иднина, но засега е доста скапа, најмногу поради изградбата на голема мрежа за полнење на возила кои би се напојувале со водород.