Јапонскиот концерн Toyota предвидува да продаде рекордни 9.7 милиони возила оваа година, што е за 22% повеќе во споредба со минатата година. Во оваа бројка влегуваат и продажба на филијалите Hino и Daihatsu, чиј заеднички удел е само 3%.
Toyota најави дека онаа бариера на 10 милиони продадени возила ќе ја остварат следната година. Toyota евидентира значително подобрување од оствареното во минатата година, кога производителот беше затекнат сериозно од земјотресот и цунамито во североисточниот дел на Јапонија.
Компанијата требаше да се справи и со други проблеми, како поплавите кои ги погодија фабриките во југоисточна Азија, повлекувањето од пазарот на автомобили поради различни дефекти, како и кризата меѓу Јапонија и Кина, поради оние фамозни острови.
И покрај сето ова Toyota повторно го враќа првото место меѓу светските произведувачи на автомобили. Според податоците на повеќе агенции, лидерот од минатата година General Motors ќе успее да продаде 9.3 милиони, а вториот од 2011, Volkswagen Group – 9.1 милиони. Во 2011 година резултатот на Toyota беше 7.9 милиони примероци, додека GM постигна 9.03 милиони, а Volkswagen – 8.16 милиони.
Текстот е објавен во соработка со Авто Плус