Тошковски: Ќе има интересни случаи за јавноста поврзани со организиран криминал и висока корупција

Во иднина ќе има доста интересни случаи за јавноста поврзани со организиран криминал и висока корупција. Претпоставувам дека ќе следат поголем број на случаи кои се поврзани со доказниот материјал обезбеден од страна на Скај апликацијата која ни е дадена од нашите меѓународни партнери, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Нагласи дека постојат огромен број на докази во рамки на доказниот материјал прибавен преку оваа апликација којшто се анализира од страна на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.

– Станува збор за огромен број на докази поврзани со конкретни кривични дела. Овој конкретен случај е поврзан со двајца полициски службеници во периодот кога ги сториле кривичните дела за кои се товарат. Тие денеска не се повеќе полициски службеници, изјави Тошковски во одговор на новинарско прашање дали и на други вработени ќе се прошири истрагата за протекување на информации од МВР кон кланот Грчец.

Прочитајте и:  МВР ќе проверува 500 функционери за потенцијални прекршоци

Посочи дека на вчерашната седница на Советот за безбедност не беше дискутирано за 500-те сертификати што ги приложиле сегашни и поранешни министри за кои вчера кажа дека ќе се проверуваат. Не сакаше да прецизира за каков вид на проверки станува збор.

– Сега за сега мислам дека е доволно тоа што го кажав вчера, рече Тошковски и додаде дека ќе се проверуваат сертификатите за сите актуелни и поранешни функционери за кои има информација дека дале погрешни податоци.

Прашан дали сертификатите се поврзани со безбедноста на државата, рече дека за тоа не станало збор на седницата на Советот за безбедност како тема која е поврзано со надлежноста на Советот.

– Дискутиравме за оние прашања кои се од надлежност на Советот за безбедност, изјави Тошковски и посочи дека нема ништо да додаде на соопштението што беше испратено до медиумите по вчерашната седница.

- Реклама -