Тошковски-Дачиќ: Системот со едно застанување на „Табановце“ и официјално ќе профункционира на почетокот на летната сезона

Тошковски рече дека и покрај тоа што овој систем веќе требало да функционира, оти за него меѓу двете држави бил потпишан договор уште во 2019 година, сепак, се очекува идната летна сезона и официјално да профункционира

Според Дачиќ, целта на воспоставување на системот е да се намали метежот на граничниот премин, а во таа насока работат тимови на двете министерства тоа да се операционализира и процесот да се усоврши

Има решение за метежот на граничниот премин Табановце-Прешево. Системот со едно застанување (уан стоп шоп) ќе почне и суштински да функционира на почетокот на наредната летна сезона. Досега се потпишани повеќе согласности меѓу двете држави, но потребно е да се поедностави процедурата. Ова денеска го соопштија министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, по нивната средба во СВР Куманово, каде што, покрај за намалување на метежот на граничните премини, разговараа и за справувањето со миграцијата и заедничките патроли.

Министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ на средба во СВР Куманово / Фото: МВР

„Господинот Дачиќ има големо искуство во својата политичка кариера, но јас ќе бидам малку брутално искрен. Кај нас е кабаетот, како и за сè друго. Како што кај нас е кабаетот што не го воспоставиле системот ‘уан стоп шоп’ со Република Албанија, со Косово и со Република Србија и во овој случај кабаетот е кај нас оти имаме потпишано договор во 2019 година. Србија е подготвена и со техничко решение и со сè, а ние сме си спиеле, нешто што е познато во изминатите години. Но, тоа веќе заврши. Имаме енергија, имаме знаење, имаме поддршка и од меѓународните пријатели и од нашите соседи. На почетокот на идната летна сезона и навистина ќе го воспоставиме овој систем“,

рече министерот Тошковски.

Министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ на средба во СВР Куманово / Фото: МВР

Според српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, ова е трета нивна заедничка средба на кој прецизно се дефинираат чекорите што треба да се направат со цел да им се решат проблемите и да им се олесни животот на граѓаните на двете држави.

Министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ на средба во СВР Куманово / Фото: МВР

Посочи дека целта на воспоставување на системот со едно застанување е да се намали метежот на граничниот премин, а во таа насока работат тимови на двете министерства тоа да се операционализира и процесот да усоврши. 

„Ние веќе имаме потпишано некои согласности, но треба да се поедностави процедурата. Тоа да биде еден преглед на граничниот премин. За овој премин и едни и другите го дадовме тој налог бидејќи ние и двајцата се потпишувавме повеќе пати, но ајде сега навистина да се направи. Не дека можеби ќе нема воопшто метеж, но барем да се чека помалку“,

рече српскиот министер Дачиќ.

- Реклама -