Италија летово ја зафати првиот голем топлотен бран, кој пристигна со африкански антициклон, зголемувајќи ја температурата на 40 степени Целзиусови, 10 степени над сезонските просеци.
Веб-страницата viLMeteo.it предвидува дека бранот сахарска жештина наскоро ќе ја зафати цела Италија, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Основачот на таа веб-страница, метеорологот Антонио Сано изјави дека денеска и утре живата во термометарот ќе скокне на 32 до 34 степени Целзиусови во централна и северна Италија, а уште потопло ќе биде на Сицилија и Сардинија.
„Од среда до петок ќе биде уште потопло“, најави Сано.
Се очекува во Рим, Неапол, Фиренца температурата да достигне 40 степени, а на Сардинија и Сицилија таа да биде во интервал од 42 до 44 степени.
„Следниот викенд африканскиот антициклон ќе ја загуби силата“, рече Сано, додавајќи дека многу силните врнежи од дожд кои се очекуваат на север ќе ги намалат температурите во сите региони.
Во текот на изминатиот викенд плажите беа преполни со Италијанци кои побараа засолниште од жештините покрај бреговите на морето и езерата, а се очекува гужвите да бидат уште поголеми оваа недела поради почетокот на училишниот распуст и поради зголемената температура.