Се проценува дека секојдневно 95% од податоците во светот патуваат низ речиси 1,5 милиони километри подводни оптички кабли поставени на океанското дно. Современиот живот исполнет со интернет комуникации, видео повици, стриминг достапен во секој момени, би бил сосема поинаков без оваа огромна инфраструктура. Потребата да се засити оваа глобална глад за сѐ повеќе податоци, се чини дека ќе поттикне поставување на нов кабел на место што досега се сметаше за недостапно.
Политико известува дека конзорциум од компании има намера да го започне проектот Far North Fiber – поставување на подводен кабел преку Северозападниот премин. Кабелот поставен на голема длабочина ќе се протега речиси 15 000 километри, поврзувајќи ја Европа со Јапонија, но и со дополнителни “попатни станици”, Алјаска, Канада, Норвешка, Финска и Ирска. Изведувањето на овој потенцијален потфат денес е можно единствено поради климатските промени.
Иронијата во целиот потфат е тоа што сѐ поголемата дигитализација, глобална интернет поврзаност размената на огромна количина дигитални податоци, “јаде” огромни количини енергија и дополнително ги влошува климатските промени. Така, на пример, Арктикот во моментов се загрева речиси четири пати побрзо од остатокот на планетата, што предизвикува губење на морскиот мраз за приближно 13% по деценија.
Ова досега незамисливо топење на Арктикот ќе овозможи „оптимални фактори што сега се достапни и ни овозможува временски прозорец кога ќе можеме безбедно да го инсталираме кабелот“, вели Ик Икард, главен офицер за стратегија во Far North Digital, за Политико.
Поддржувачите на Far North Fiber тврдат дека, откако ќе биде изграден, нивниот кабел ќе биде и подобро заштитен споредено со сличните линии поставени на други места во светот. Се проценува дека годишно на глобално ниво се оштетуваат околу 100 до 150 кабелски линии, што од случајни закачувања со сидра или риболовна опрема, што поради саботажа.
Кај телекомуникациските компании кои ги надгледуваат кабелските системи на длабоко море се зголеми загрженоста поради можни саботажи. Повеќе од 90% од целокупниот податочен сообраќај помеѓу Европа и Азија патува по кабли поставени вдолж трговскиот коридор на Црвеното Море. Со неодамнешното зголемување на геополитичките немири и насилството во регионот, кабелските линии се соочуваат со поголем ризик од оштетување. Само минатиот месец, три вакви линии беа пресечени при напади на Хути врз блиските бродови.
Претставници на компанијата веруваат дека со воспоставување на нова рута низ Северозападниот премин би помогнало во иднина да се избегнат проблемите од тој тип. Целиот зафат ќе чини околу 1 милијарда евра, што е околу четири пати повеќе од трошоците за поставување на кабел преку Атлантскиот Океан и околу три пати повеќе од поставување на кабел во водите на Пацификот. Но, и покрај огромната цена, Европската унија сигнализираше дека има интерес, издвојувајќи 23 милиони евра за Far North Digital. Проектантите се надеваат дека слична поддршка добијат и од САД и Канада.
Една студија објавена минатиот месец во Nature Reviews Earth & Environment проценува дека Арктикот би можел да се соочи сезонски со води без мраз уште во 2035 година, што е помалку од една деценија по предложениот датум за стартување на проектот Far North Fiber, закажан за 2026 година.