Темпото на напредок во работата на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања драстично заостанува зад темпото на развојот на процесот за европска интеграција на Северна Македонија, оцени бугарскиот претседател Румен Радев откако разговараше со претставници на бугарскиот дел од Комисијата.
Таквиот став го дели и бугарскиот историчар Кирил Топалов. На последните два состаноци, вели тој во емисијата „Тази сутрин“, работата заглавила, пренесува „БТВ“.
Првично, колегите од Северна Македонија биле кооперативни, благодарение на што се постигнал многу голем напредок на темите за улогата на личностите како Цар Самоил, Свети Климент и Свети Наум во заедничката историја на двете земји, вели професорот. Но, според него, работите застанале кога македонската страна ги зацврстила позициите по прашањето за Гоце Делчев.
„Бевме на патот кон зближување на позициите во духот на научната вистина“, но сега преовладува чувството дека „се соочуваме со ѕид“, а „кога играш тенис со партнер чувството е различно, во споредба со тоа кога ја удираш топката во ѕид“, вели Топалов.
„Се надевам дека во Северна Македонија ќе променат доста нешта во учебниците по историја, зашто кога ги разгледувавме, тие сѐ уште беа расположени за дијалог“, вели историчарот, додавајќи дека во средношколските материјали Бугарите се опишани како грабливо номадско племе.
„Ние нашата историја нема да ја отстапиме, ниту како држава, ниту како комисија“, вели тој, но истакнува дека „не можеме да наметнуваме решенија на нашите влади“, кои носат и геополитички решенија.
Топалов зборуваше и за изјавата на македонскиот претседател Стево Пендаровски за Гоце Делчев. Според Топалов, позицијата на Пендаровски е „најблиску до вистината“, но… Тој тврди дека „не можеме да знаеме на што мислеле револуционерите“ кога зборувале за „борба за автономија на Македонија“. Можеби тоа било чекор кон независна држава, а можеби и мислеле на нешто друго, тврди Топалов, алудирајќи на бугарската позиција дека борбата за независна држава на македонските револуционери била само чекор кон подоцна припојување на Македонија кон Бугарија, повторно во согласност со бугарската теза дека сме еден народ и треба да сме една држава.
Топалов истакна и дека за членовите на македонскиот дел од комисијата, „Гоце Делчев е апостол на македонизмот“.
„Ниту е наша задача, ниту имаме право да им кажуваме на политичарите што да прават. Нашата комисија не може да ги одредува чекорите на нашите влади, зашто ние сме експерти, а не политичари“, заклучува тој.