Тојота ги заменува роботите со луѓе

Во последните неколку години безброј работни места во фабриките за автомобили беа зафатени од машини, кои целосно ги заменија луѓето. На крајот сепак се покажа дека автоматизацијата на работниот процес има и добри, но и лоши страни?!Барем така мислат во Toyota, каде се покажува дека има и „премногу“ роботи, а недостаток на висококвалификувани кадри, пренесува агенцијата Bloomberg. Јапонскиот производител започна проект за пронаоѓање и назначување на работа токму на вешти мајстори кои ќе ги заменат роботите.

-Ние сме должни да се вратиме на корените, за да се потсетиме на навиките, на рачната работа и да почнеме со нови планови, тврди шефот на проектот, Мицуру Кавала. – Кога почнав со работа, искусните специјалисти беа нарекувани „богови“, бидејќи можеа да направат нешто што денес не можат машините. Не може да зависиме од машини кои го прават истото постојано. Потребно е знаење, умеење, креативност. Тоа машините не го умеат!

Иако, роботите работат побрзо и за помалку пари, во Toyota не се согласуваат со отсуството на генијалност и искуство во долгорочна перспектива. Во фабриката на компанијата во Хоншу некои од манипулациите, кои до неодамна беа целосно автоматизирани, веќе се вршат од страна на луѓе.

-И двете опции имаат свои недостатоци, коментираат аналитичарите на Bloomberg. Стимулацијата на „жива сила“, значи дека најверојатно уште најмалку 3 години Toyota нема да гради нови фабрики. Но, пак во битката за квалитет (а не за количина) луѓето се уште имаат огромна супериорност над машините.

- Реклама -