„Тоа е апсурдно, тие на еден одмор трошат колку ние што заработуваме за цела година“: Хрвати во Сплит пријавиле азиски туристи, мислеле дека се мигранти

„Тоа е целосно надреално и параноично однесување“, вели Лео Николиќ, историчар на уметност од Сплит и туристички водич со 15 години искуство, коментирајќи ја постапката на дел од граѓаните кои вчера пријавиле група туристи од Азија, мислејќи дека се мигранти.

 

Николиќ објаснува колку е апсурдно таквото однесување:

„Како прво, 99.9% од туристите во нашата земја имаат подобар или во најмала рака – ист животен стандард како и Хрватите. Освен тоа, гостите од далечниот Исток се, по правило, пообразовани и попристојни, како што се и Американците значително потолерантни од Европјаните во политичка и етничка смисла. А и гостите од далечниот Исток, како и оние од САД, имаат дневен буџет од 500 до 1.000 евра. На одмор тие трошат колку што е годишната заработка на Хрватите. Се разбира, зборувам за просечните гости, од средна класа. Има и каде-каде побогати гости од Индија, Мексико, Бразил, Индонезија, Сингапур… Тие трошат дури и три пати повеќе“, вели Николиќ, оценувајќи дека во Хрватска постои сериозен проблем со ксенофобија и етничка и верска нетолеранција. Според него, во Сплит тоа не било толку изразено, но во последната деценија евидентно е сериозно влошување.

Тој тврди дека Азијатите се посебно на мета на ксенофобите:

„Да. Особено е присутно омаловажувањето на гостите од Азија. Зборувам за лоши улични искуства, коментари и дискретни дофрлања на хрватски. Генерално, ароганцијата на Хрватите произлегува од запуштеноста и примитивизмот кој се негува во оваа земја“, заклучува тој за Index.hr.

 

- Реклама -