Ленс Армстронг реши да ја прекине борбата со американската анти-допинг агенција (УСАДА) и да не учествува во судскиот процес во којшто тој беше обвинет за користење на недозволени допинг средства во текот на својата кариера.
Легендарниот американски велосипедист вчера се обиде да го стопира овој процес преку федерален суд, но откако не успеа во својата намера, реши да се откаже од битката за чистење на дамките од своето име.
„Во текот на кариерата многу пати сум се соочувал со обвинувања за допинг, но секогаш сум успеал да докажам дека тоа се обични лаги. Овојпат не сум во можност за такво нешто, но само поради фактот дека судскиот процес е едностран и воопшто нема намера да ја слушне другата страна во случајот. Не гледам поента да бидам дел од ваков процес и дополнително да се фрустриран и себеси и своите најблиски. Доста е, нека одлучат што сакаат, но јас нема да учествувам во оваа фарса“ изјави Армстронг.
Ваквиот развој на настаните ќе значи дека Американецот ќе ги загуби седумте титули на Тур д Франс, освоени во низа од 1999 до 2005 година. Обвиненијата се дека Армстронг користел недозволени стимулативни средства уште од 1998 година, за што легендарниот велосипедист ќе заработи максимална можна казна.
„Ќе бидат избришани сите резултати на Ленс Армстронг од 1 август 1998 година, што значи дека ќе му бидат одземени и сите трофеи што ги има освоено. Тоа е казна пропишана според правилата“ изјави Ени Скинер, портпаролка на УСАДА.