Серена Вилијамс со извонредна игра во финалето против Агњешка Радванска го круниса своето издание на овогодинешниот Вимблдон, сосема заслужено закитувајќи се со титулата на третиот гранслем турнир за 2012 година.
Американката, којашто во претходните две рунди ги елиминираше Петра Квитова и Викторија Азаренка, беше импресивна и во пресметката со Радванска, славејќи со 2:1 во сетови (6:1, 5:7, 6:2). Таа експресно стигна до предност од 4:0 во првиот сет и најави лесен триумф, но Радванска трпеливо ја чекаше својата шанса и конечно успеа да стигне до израмнување откако го доби вториот сет со 5:7.
Сепак, Вилијамс уште еднаш ја покажа својата висока класа, заигра фантастично кога беше најпотребно, го напаѓаше секој сервис на противничката и на крајот го доби третиот сет со убедливи 6:2. Главен адут на искусната Американка уште еднаш беше силниот сервис, со оглед на фактот дека таа имаше дури 17 асови, наспроти два на Радванска.
Иако првиот сервис не ѝ беше на потребното ниво (само 56%), Вилијамс одигра храбро, имаше 58 винери и апсолутно ја заслужи петтата лондонска круна, со што се израмни по бројот на трофеи со својата повозрасна сестра Венус.
„Ова е навистина неверојатно. До неодамна имав големи здравствени проблеми, бев во болница и не знаев дали воопшто ќе можам да ја продолжам кариерата, а сега сум овде со нов трофеј од Вимблдон. Токму затоа, оваа титула им ја посветувам на сите оние што беа крај мене кога ми беше најтешко и ми помагаа да не се откажам, туку со напорна работа да се вратам на терените“ изјави Серена Вилијамс.
Поразот на Агњешка Радванска значеше и дека оваа тенисерка не успеа да се искачи на првото место на ВТА-листата, па од понеделник нова прворангирана светска тенисерка ќе биде Викторија Азаренка.