Кинеската апликација TikTok заработи 10 милијарди долари од корисниците на глобално ниво и е на пат да стане апликација со најголема заработка во историјата, се наведува во најновиот извештај на компанијата data.ai.
„TikTok во 2024 година ќе се приближи до 15 милијарди долари приход. Корисниците трошат преку 11 милиони долари дневно за поддршка на нивните омилени создавачи на содржина“, изјави претставникот на data.ai, Лекси Сидоу, пренесува CNN.
Таа очекува корисниците на TikTok, во претстојната 2024 година, да поминуваат 40 часа месечно на апликацијата, што е зголемување од 22 отсто во однос на годинава.
TikTok заработува пари од опцијата „Coins“, која на корисниците на апликацијата им дава можност да купат „монети“ кои можат да ги користат за да купуваат подароци за инфлуенсерите и креаторите на содржина на платформата. Притоа, TikTok задржува 50% од уплатата.
Годинава, корисниците најмногу го купувале пакетот од 1.321 монета за 19.99 долари, а токму тие купувања изнесуваат 25 отсто од вкупниот приход на TikTok во рамките на апликацијата. Кинеската компанија има и други извори на приход, како што се рекламирање и онлајн трговија.
Дејтинг апликацијата Tinder и видео платформата YouTube, за споредба, се ближат кон заработка од 10 милијарди долари, но се 2-3 милијарди поназад во споредба со TikTok.