Припадници на Единицата за специјални задачи „Тигар“ денеска беа на честитање во кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Поводот е нивното освоено прво место на 11-от Меѓународен натпревар на специјални единици – KASOTC, кој се одржа во Аман, главниот град на Јордан, од 14 до 20 април.
На петдневниот натпревар во пет дисциплини, тимот на „Тигрите“ го освои првото место во една од најсложените дисциплини, наречена „Top Shot“, која се состои од полигонско тактичко пукање со пушка, пиштол и сачмарка, со ограничен број куршуми, во краток временски период и во определен број мети, односно вешто, брзо и прецизно пукање.