Throttle.Brake – епизода X – Автомобилскиот свет по Женева – I дел

Поминаа и долго очекуваните премиери во Женева. Да бидам искрен, саем за паметење, настан кој испишува историја. Премиерно представени неколку уникатни автомобили, меѓутоа најголема ѕвезда беше наследникот на Veyron, Buggatti Chiron, кој го носи името во чест на тркачот од Монако, Луис Чирон. Но, зошто се крена  толку фама околу овој автомобил? Епа вака… За автомобил кој како наследник е побавен од претходникот
Veyron Super Sport (барем сега за сега, 420 км/ч електронски лимитиран), и автомобил кој има само една секунда подобро забрзување од Veyron Super Sport до 300 км/ч, и има цена од 2,4  милиони евра грубо. Да не ме сфатите погрешно, автомобилот е ремек дело, но некако после сите перипетии со Hennessy околу тоа кој автомобил е најбрз, мислев дека  премиерата на Chiron ќе биде нешто во стилот на “поздрав до Hennessy Venom при брзина од 463 километри на час”, но напротив
добивме електронска блокада на 420 км/ч. Кружеа гласини дека автомобилот оди до таа брзина без  електронската блокада. Дури и на мерачот за брзина пишува 500 км/ч. Можеби блокадата е само маркетиншки трик на Buggatti, со цел да се остави простор за Chiron Super Sport. Кој знае… Како и да е, Chiron е уникатен и брутален автомобил со неверојатни бројки. Да почнеме со разликите помеѓу Veyron и Chiron.

ciron4

Новиот автомобил е сè што не беше стариот, а тоа е полесен автомобил, и автомобил со поголема ригидност. Во превод, акцентот е ставен на намалување на масата со изработка на целосно нов карбон фибер монокок, но масата е горе долу истата.  Драстично е зголемена ригидноста, а со тоа и возните својства. Делумно, поставеноста на шасијата е слична, но кај наследникот е адаптивна, што во превод значи со помош на посебни микро сензори автомобилот се приспособува на различните услови преку спуштање и подигнување, и зацврстување на суспензијата. Новина е уникатниот C свод, кој е сместен во централниот дел на автомобилот,
односно кабината и дел од моторот, кој исто така има своја задача. Кога сме кај моторот, тој е истиот оној како кај Veyron, W16, со зафатнина од 8 литри, четири турбо полначи, НО со 1500 коњски сили.

ciron3

Што е направено за разлика од претходникот за да се добие оваа бројка од 1500 коњски сили или плус 300 од последниот Veyron Super Sport? Четирите турбо полначи се засилени до Stage 2, и два од нив се за операции на мал вртежен момент, а другите два се оперативни над 3100 вртежи во минута. Некоја моја логика ми кажува дека кај наредниот Chiron автомобил, можат да бидат засилени до Stage 3? Останува да видиме. Погонот е истиот, на сите четири тркала што дава забрзување до стотка за 2,6 секунди. Менувачот е во глобала истиот како кај претходникот седум степен до дупло квачило, но новина е токму квачилото. За овој автомобил е направено најголемото квачило досега вградено во автомобил. На сите ни е јасно зошто.

ciron2

Замислете само колкава сила (1.5g) треба да пренесе на тркалата, кои се со големина од 20, односно 21 инчи, и возат сет гуми Michelin кои вредат 38 илјади евра. Внатрешноста е луксузна, баш како што прилега за еден Buggatti автомобил. Најпрефинетите материјали, кожа, карбон, и добрата изолација, прават на мали брзини да се чувствувате удобно како во некое спортско луксузно купе. Да не заборавиме дека Buggatti, е спој од луксуз и перформанси. Сводот кој се протега во средината по должина од целата кабина дава уникатно искуство и светлечки амбиент. При големи брзини стаклата на автомобилот се затемнуваат, односно со затемнување се намалува видливоста кон надвор и со тоа возачот е повеќе фокусиран на брзината. Надворешниот дизајн е исто така уникатен, поагресивен во однос на стариот автомобил,  посебно со делот во средината кој  означува буква C. Инаку овој автомобил е конструиран да прима огромни количества ладен воздух кој го лади моторот и неговите придружни компоненти, но во исто време ја помага и
аеродинамиката на автомобилот. Почнувајќи од просторот меѓу предните светла, до сводот на средината, до задниот дел, сè е во корист надобивање на подобри перформанси.

ciron4

Е сега доаѓа делот во кој Chiron требаше да испише историја, а тоа е максималната брзина, која од некои причини кои само од Buggatti ги знаат остана на 420 км/ч. Всушност овој автомобил има три максимални брзини. Првата е “нормална максимална брзина” од 386 километри на час, втората е таа лимитираната на 420, и третата е фикција, мистерија, односно можеби 30 километри на час повеќе. Сите три брзини имаат посебни клучеви. Има и пет различни режими на возење и дрифт мод, како кај Focus RS. Возните својства на Chiron би требало да се далеку подобри од тие на Veyron, за што тврдат и од фабриката.

На крајот на денот, долго очекуваниот наследник Chiron, е инженерско и дизајнерско ремек дело. Можеби е најбрзиот автомобил во светот, можеби не, останува да видиме, но тоа и не е толку важно, ако се земе предвид дека освен на некоја авионска писта или овал патека, друго место за брзина од 420 километри нема. Но за бруталното забрзување има. Само 500 примероци ќе бидат направени. Дали е подобар автомобил од претходникот? Апсолутно да. Дали е најпрестижниот автомобил моментално? Да. Дали е најбрзиот? Никој незнае. Дали заслужи да биде
ѕвезда во Женева? Да, но само затоа што Koenigsegg Regera, го имаше своето  деби лани, а оваа година се појави само како доработена верзија.

Крај на првиот дел.
Throttle/Brake – епизода х

braceeee2

Ваш, Брацо Моралиќ

- Реклама -