Throttle/Brake – епизода 88: Ново си е ново – Porsche 911 Carrera 4S (992), Mercedes-AMG GT R Pro и Pininfarina PF0

Автомобилската индустрија се наоѓа пред огромна раскрсница: да се оди на бензин, на струја, или да се продолжи право и да се тактизира со тековните сценарија и технологии? Мое мислење е дека третото сценарио е најлогично решение, барем засега, бидејќи одбирање на страна е “меч со две остри страни”. Од една страна имате се повеќе емисии на штетни гасови, а од зелената страна имате нула штетни гасови, ами загадување со цел да се произведат технологии кои ќе овозможат нула штетни гасови. Не по грб, по шија. Да не зборувам за лудата идеа за автономни автомобили, односно автомобили без волан кои ќе возат сами. Дали полека се работи на сузбивање на човечкиот фактор, кој од секогаш бил круцијален? Дали се дава значителна предност на машини кои за волја ма вистината се направени и програмирани од истиот тој човек кој вози? Факт е дека електричните автомобили се побрзи, но сеуште немаат своја лична карта, неми се. Засега единствено можеме да ги разликуваме по надворешниот изглед. Овие другиве, што возат на “џус од диносауруси” можеме да ги разликуваме по многу што: дизајн, звук, мотор, аспирација и историја. Деновиве на саемот за автомобили во Лос Анџелес, беше претставена новата генерација на Херодот на спортските автомобили, Porsche 911.

Porsche 911 Carrera 4S генерација 992

Porsche 911. Приказна стара 70 години или осум генерации, која е сеуште во кулминација. Дизајн кој за седум декади е променет делумно. Претходната генерација ни донесе два автомобили, кои се на врвот во својата класа, GT3 и GT2 RS.
Деновиве во Лос Анџелес беше претставена 992 генерацијата, која изобилува со ретро-футуристички детали. Интересно е што за првпат досега, премиерниот модел е Carrera 4S, а не основната Carrera.

Платформата на која лежи новата генерација е всушност истата платформа од генерацијата 991 со меѓуоскино (од средината на предните до средината задните тркала) растојание од 2.451 метри. Новиот 992 автомобил е малку подолг, благодарение на ретро дизајнот со ниско профилни линии, посебно во предниот дел каде што завршува хаубата, кои потсетуваат на дизајнерскиот јазик од генерацијата 930.

Она што мене најмногу ми се допаѓа е новата “заоблена” задница, инспирирана од генерациите 930 и 996 со издувните цевки сместени во браникот како кај GT2 RS. Целото задно стоп светло и решетките за воздух над задната хауба се футуристички омаж на горе споменатата генерација. Досега “заоблени” задници имаа само моделите Turbo, 911 R, GT3/RS и GT2 RS, но ако го погледнете новиот Carrera 4S ќе забележите дека има задница како Turbo, но без препознатливото задно крило.

Задницата на 911 Carrera генерација 930.
Генерација 996.
Генерација 992.

 

Што е ново под хаубата? Повеќе сила и место за електричен мотор?! Интересно. Основниот 911 модел Carrera ќе биде придвижуван од истиот турбо линиски мотор со шест цилиндри, но сега ќе испорачува 385 коњски сили. Моделот за кој пишувам Carrera 4S, сега ќе испорачува 443 коњски сили, или 23 повеќе од истиот од претходната генерација. Оваа екстра сила се должи на новиот режим на работа на турбо полначите и целосно нов интеркулер кој сега е сместен во средината на задниот дел. Новитет е осмиот степен во автоматската суспензија со две квачила (PDK). Оваа брзина е “додадена” само да се збунат контролите за емисии на штетни гасови, но доколку се возите на автопат во осмиот степен и по пропишани брзини, ќе заштедите и доста гориво. Бројките на новата Carrera 4S навлегуваат длабоко на територијата на супер автомобилите. Од место до стотка за (911 Carrera S 3,3 секунди) 3,2 секунди и максимална брзина од 307 километри на час. Погоре споменав некаков простор за електричен мотор? Простор има, но планови засега нема. Со хибридното засилување значително би се зголемила и масата на 911, со што би се нарушиле возните својства на автомобилот. Но, не е исклучена можноста да видиме целосно електричен 911 со технологија од хрватски Rimac, како убиец на Tesla Roadster 2.

Внатрешноста на генерацијата 992.

Внатре исто како и од надвор, преовладува ретро футурамата. Подобра ергономија од претходната генерација, со ретро дигитална инструмент табла и поголем централен дисплеј. Нова палка за автоматскиот менувач, која зачудувачки нема секвенцијален (+-) режим. И конечно, нов удобен држат за чаша, за оние што сакаат пијат (не алкохол) додека возат. Некаде видов еден модел во чија внатрешност имаше дрво, со цел да се долови ретро стилот, но право да ви кажам, воопшто не го бендисувам и се надевам дека нема да биде опција за посилните модели кои доаѓаат.

Какви ќе бидат цените за новата генерација? Основниот модел Carrera кој ќе се појави во 2019 година ќе се продава по почетна цена од 90.000 евра, а моделот Carrera 4S за 110.000 евра. Во наредните неколку години ќе бидат претставени посилните модели од новата генерација, за кои предвреме ќе можете да читате ексклузивно на Throttle/Brake.

 

 

Mercedes-AMG GT R Pro

Пред повеќе епизоди споменав дека Mercedes-Benz, поточно AMG планираат да доминираат во сите сегменти на спортските и супер автомобили. И хипер! Бујрум. Да ги наредам хронолошки: AMG GT R е директен противник на Porsche 911 GT3, а новиов GT R Pro е одговор за 911 GT3 RS! Имаат ли одговор за 911 GT2 RS? Според зборовите на шефот на AMG Тобијас Маер, одговорот во форма на AMG GT R Black Series ќе пристигне за помалку од две години со 700 коњски сили и ќе ги предизвика GT2 RS и McLaren 720S. Ако се земе впредвид фактот дека SLS Black Series имаше 630 коњски сили, нема простор за сомнеж дека на идниот Black Series ќе му фали моќ. Секој кој седнал зад воланот на Black Series, знае дека тие автомобили се различни животни.

Што е ново на/во GT R Pro? Моторот е истиот 4.0 литарски, V8 битурбо до 577 коњски сили. Нов е карбонскиот спојлер во долниот дел на муцката, кој е позајмен од братот кој се натпреварува во GT3 и GT4. Нов е и сплитерот на воздух во предниот дел, страничните прагови, отворите во предниот дел над тркалата кои ќе го вентилираат насобраниот “нечист” воздух кој создава дисхармонија во предницата. Како што можете да забележите, задното крило е значително поголемо од она на AMG GT R. Интересни се крилата долж задните тркала, кои изгледа се позајмени од Porsche 918 Spyder Weissach. Нови карбонски-керамички дискови, кои ќе бидат стандардни, а подобрена е и активната аеродинамика која не можеме да ја видиме. Pro е полесен од GT R, но засега нема официјални бројки. Резултат? Шест секунди подобро време на Нордшлаифе во однос на зелениот автомобил, и помала максимална брзина. Однадвор, нови се и предните и задните стоп светла, фелните и изборот на бои.

Внатрешноста на Mercedes-AMG GT R Pro.

Внатрешноста е сосема нова. Нов волан, нова целосно дигитална инструмент табла и копчиња на централната конзола во форма на буквата “V”. Кај овој модел има опција за вградување на полу заштитен кафез, доколку фокусот ви е само на тркачките патеки.
Дали сум особено возбуден за Pro? Да бидам искрен, не сум! И покрај извонредниот учинок од 07:04.6 на Нурбургринг Нордшлаифе, јас во главата веќе го замислувам AMG GT R Black Series.

 

 

Pininfarina PF0

Студиото кое ги создаде автомобилите кои беа на постери и ги украсуваа на нашите ѕидови, направи целосно електричен хипер автомобил. Иако постојат 90 години, Pininfarina немаат никогаш направено целосно свој автомобил. Се досега. Односно наредната година. 100% Pininfarina сериски автомобил и 100% електричен. И ќе има 1900 коњски сили! Достапни во секој момент!
Она што се знае за PF0 засега е дека ќе бидат произведени само 150 примероци, односно по 50 за Европа, Америка и Азија. Напојувањето, односно елетричниот мотор и придружните компоненти се дело на Rimac Automobili. Вкупната сила која ќе го придвижува PF0 е 1900 коњски сили и 2300 Nm влечна сила. Искрено, не можам ни да замислам колку е тоа. Во една прилика возев Maybach S650 Cabriolet и бев шокиран од 1001 Nm со кои ме турна во седиштето. А плус 1300?! Од Pininfarina тврдат дека “Трансформаторот” до стотка ќе забрзува за помалку од две секунди и ќе развива максимални 400 километри на час. Џабе зборувам за струја ако не ја споменам потрошувачката односно достигнувачката. Со едно полнење на батериите и домаќинско возење, PF0 ќе може да помине 480 километри. Од Скопје до Белград. Не е воопшто лошо за автомобил кој има 1900 коњски сили. Ако ви здосади од возење кај Ниш, PF0 има 3-то ниво на автономија и автопилот. Сепак, држете ги рацете на волан. Не заборавајте дека луѓе ги програмираат автопилотите.

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -