Знам дека во тек е најважната споредна работа во светот и дека чекавте цели четири години за да уживате во магијата на фудбалската игра, но Porsche слави роденден. Седумдесетти по ред. Бујрум.
Спортските автомобили на гигантот од Штутгарт се убедливо најуспешните во автомобилскиот спорт. Од Ле Ман до неверојатните рекорди на Нурбургринг, кои за волја на вистината, само тие (Porsche) пак ќе ги соборат. Пред само неколку дена, на “Зелениот Пекол” Porsche 919 Evo го собори 35 години стариот рекорд на Стефан Белоф и Porsche 956. Новиот рекорд на патеката е безмалку една минута подобар (5:19.456) од 6:11 на Белоф. Истиот автомобил го сруши и рекордот на Луис Хамилтон (F1 болид) на патеката Спа во Белгија, а “Розевите свињи” повторно победија на престижниот Ле Ман. Но, Porsche има и еден друг, шмекерско-џезерски карактер, наречен Speedster. Роден е во Штутгарт, од каде се сели покрај бреговите на сончевата Калифорнија. Низ историјата, со Speedster се поврзуваат многу славни имиња и ликови, од Џери Сајнфилд до Хенк Муди од Калифорникејшн. Додека историјата се занимава со минатото, Porsche влече потези за комфорна иднина, со амбиции да биде на врвот како во старите добри денови, кои никогаш не ги заборавија.
^ Видео: Кралот на Нурбургринг, Porsche 919 Hybrid Evo.
^ Видео: Porsche 919 Hybrid Evo vs F1 W07 (Луис Хамилтон) на Спа Франкошамп.
Што ќе ни се торта и свеќи, кога за роденден го имаме 911 Speedster? За разлика од своите претходници, ова топлес Порше ќе биде малку поинакво. Во минатото, под дифолт се “соблекуваа” основните модели на 356 и 911. Идеата беше, ветар низ коса додека се возикате по брегот на Калифорнија. Но, идеалите се сменија, па од Порше решија за седумдесеттиот роденден да го “соблечат” моделот 911 R/GT3!? Само погледнете ја широката и агресивна задница, со издувни цевки монтирани во средината, и се е јасно.
Навидум, концептот Speedster изгледа “скромно”, но под убавата шминка се крие целосна тркачки ориентирана спецификација. Шасијата е позајмена од 911 GT3, менувачот е 6 степен мануелен, а моторот е добро познатиот 4.0 литарски, атмосферски со шест цилиндри во линија, со 500 коњски сили, кој досега ги придвижување само моделите 911 R/GT3 и GT3 RS. Сеуште нема официјални бројки за масата на Speedster, но земајќи го впредвид фактот дека нема да има покрив, и дека не штеделе на карбон фибер, нема да погрешите ако минусирате минимум 50 килограми.
Перформансите настрана, најголемиот адут на “Спидстерите” е убавината, џез/рок ѕвезда статусот и ветерот кој ги дува косите.
Иако убавината е субјективна, новиот Speedster ќе има неколку прекрасни детали кои никого нема да го остават рамнодушен. Однадвор, целиот заден “спид” дел, со црвени лед детали направен од карбон фибер, 21” инчните “Фух” тркала, кои сега ќе бидат со централно заклучување, ретро (Талбот) ретровизорите, тркачката карбонска хауба и предните светла со гравирани две дијагонали кои се пресекуваат во средината во форма на буквата “Х”. Ви текнува на старите тркачки автомобили и залепените црни траки на предните светла? Комбинацијата од сребрена и бела боја е во чест на тркачките Porsche автомобили од минатото кои биле препознатливи токму во овие две бои.
Внатрешноста е создадена за вистинските Porsche пуристи. Без сателитска навигација, радио и клима уред, но со карбонски тркачки седишта преслечени во “Анилин” кафена (Cognac 356) кожа. Кому му треба клима и радио, на убав сончев ден со благ јужен ветар и музика од океанот?
Познавајќи ја работата на Porsche, концептот Speedster како сериски автомобил ќе го видиме веќе во наредната година, во скоро идентична форма и перформанси.
Porsche Taycan (Mission E)
Добредојдовте во светлата иднина на Porsche. Таму ве очекува Taycan, првиот целосно електричен автомобил на гигантот од Штутгарт. Директен ривал на Tesla Model S!? Да одиме полека.
Пред 3 години на саемот за автомобили во Франкфурт, Porsche ја претстави визијата за електрифицирани автомобили, Mission E. Две години подоцна почнавме да гледаме слики и видеа од камуфлираниот Mission E на Нурбургринг, а во деновите кои изминаа Mission E и официјално стана Taycan, што наводно во превод би значело “Жив (темпераментен),млад коњ. На прв поглед се забележуваат подзакривени футуристички линии од Cayman и Panamera, што е сосема разбирливо со оглед на фактот дека Порше не сакаат многу да експериментираат со дизајнот на своите автомобили. За нив како да важи девизата “Што поскромно, тоа побрзо”!
Досега знаеме дека целосно електрофицираниот Порше ќе има 600 коњски сили (447 киловати) и до стотка ќе забрзува за 3,5 секунди, а до 200 за помалку од 12 секунди. Максималната брзина е електронски лимитирана на 250 километри на час. Ако бројкиве не ве фасцинираат, тогаш верувајте му на Нико Розберг (Формула 1 светски шампион) кој го тестираше Taycan во Вајсак и изјави дека автомобилот е одличен и пристојно брз. Што се однесува до ефективноста на батеријата со моќност од 90 kWh, која е сместена под кабината на автомобилот, неофицијално со едно полнење ќе го придвижува автомобилот повеќе од 500 километри, а со 800 волтен полнач, ќе се полни до 80% за само 15 минути, или едно кафе. Во меѓувреме се работи и на безжичен (wireless) полнач, кој ќе се монтира на подот на вашата гаража и ќе го полни вашиот Taycan преку тркалата. Аха… Време е за транзиција.
За работите да бидат уште “позамрсени”, пред една седмица Porsche стана сопственик на 10% во акции на хрватски Rimac. За тие што незнаат, Rimac го имаат моментално најсовремениот и најбрзиот електричен автомобил во светот (Rimac C2), за кој пишував во една од моите претходни епизоди (#77). Исто така тие соработуваат и со Aston Martin, на проектот Valkyrie и со Koenigsegg. Е сега, бидејќи само Rimac може да им се спротистави на Tesla во електричниот свет, експертите за спортски автомобили од Штутгарт, ќе ги здружат силите со малата хрватска компанија и ќе видиме електрифицирани 911-ки, Cayenne и навистина брзи хипер автомобили на струја. Да резимираме, на Porsche им треба иновативнат технологија на Мате Римац, а на Rimac им треба Porsche со целата знаење и инфраструктура за спортски автомобили. Најголемиот “добитник” од оваа електрична романса ќе биде групацијата VW, кои се сопственици на Porsche, кога ќе ја имплементираат технологијата на милиони возила со ознаката VW, кои ќе се продаваат како алва.
Да се вратам на Taycan…
За разлика од Tesla Model S, Taycan е поубав, полуксузен и поскап. Внатрешноста е типична Porsche, дојдена од блиската иднина, со огромен централен дисплеј и благородни материјали, наспроти пластиката во Tesla. Цената на Теслата започнува од 44 илјади евра, а за Taycan ќе треба да издвоите минимум 70 илјади евра. Дали вреди? Ова прашање ќе ви го одговорам од три аспекти: ако сте млад, успешен, и сакате се што хај тек, но и добар автомобил, сега имате хај тек Porsche. Ако сте “освестени” за животната средина, но сакате да бидете видени (холивудски модел) Taycan е за вас. Ако сте вистински автомобилски ентузијаст, со визија за иднината на автомобилската индустрија, можете да имате електрична Panamera, за цена на Cayman S, на која од семафор до семафор, ќе можат да и парираат само хипер автомобили.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.