Nissan Skyline GT-R R34 v Toyota Supra Turbo
Од земјата каде што изгрева Сонцето, од каде што потекнуваат Самураите, кон крајот на 90′ години се појавија два самураи во еден потполно нов облик и со нова задача. Нивната задача беше да ги надмудрат Ferrari, Porsche и Lamborghini, кои долги години владееја во автомобилскиот свет. Од денешна гледна точка нивната мисија беше и повеќе од успешна.
Вечна дебата и огромна прашина околу овие два лути ривали. Исклучително популарни автомобили, кои се имаат појавено на големото филмско платно и во голем број видео игри. Ако ги прашате тјунерите кои автомобили им се најпопуларни, сигурно во одговорот ќе слушнете за некој од овие два автомобили. Некој ќе каже дека токму овие два автомобили се најдобрите Gran Turismo некогаш направени.
Да почнеме со Годзила.
Ерата на Nissan Skyline е прилично долга, поточно ознаката GT-R се појавува во 1969 година. Ако во игра не го вклучиме последниот GT-R, R34 е најдобриот, најнедостапниот, најпопуларниот Skyline. Првпат произведен во 1999 година, направен е да биде подобар од претходникот R33 скоро во секој поглед. Полесен, побрз, поубав. Инаку да појаснам дека Skyline GT-R, е спортско купе кое е базирано на Skyline, кој е нормален седан автомобил. На прв поглед пропорциите би можеле да ве збунат, бидејќи се прашувате како автомобил со димензии на Passat, може да има такви перформанси. Но врвните инженери од одделот за перформанси на Nissan имаат поинакво мислење. Со имплементирање на некои технологии, тие од ова масивно спортско купе направиле извонреден спортски Гран Туризмо автомобил. Да почнеме од моторот. Во глобала тој е истиот како и кај претходниците. RB26DETT е V6, твин турбо со зафатнина од 2.6 литри, кој произведува 276 коњски сили, во Јапонија, а автомобилот наменет за извоз имал повеќе од 300 коњски сили. Турбо полначите се направени од хибридна легура челик и керамика. Подоцна овој мотор ќе се покаже како идеална платформа за тјунинг. Да објаснам посликовито, еден стандарден Skyline од 300 коњски сили, може да се тјунира до неверојатни 1000+ коњски сили. Автомобилот има електронски контролиран погон на сите четири тркала ATESSA, што го прави забрзувањето до 100 км/ч одлично т.е 4,9 секунди. Максималната брзина е 250 километри на час. Популарната драгстер должина од 402 метри ја поминува за 13,7 секунди. При брзина од над 80 км/ч главниот компјутер го активира системот HICAS, со кој сите четири тркала ротираат лево и десно што дава извонредна управливост и агилност во свиоците. Пет инчниот монитор во средината на контролната табла служи за мониторинг на операциите кои се одвиваат, или кои ECU системот ги контролира. Менувачот е шест степен мануелен, што од денешен аспект, при недостаток на мануелни менувачи е прилично кул. Управувањето е спортски ориентирано, но сосема слободно со сиот можен комфор, овој автомобил можете да го возите секојдневно до работа. Масата на автомобилот е 1536 килограми што и не е некоја импресивна бројка. Суспензијата е спорстки ориентирана но во исто време при нормално услови на пат возењето е глатко. Дифузерите на браниците и задниот спојлер исто така придонесуваат за добивањето на одличните перформанси. Системот за сопирање е соработка на Brembo и Nissan. Сопирачките се вентилирачки со четири клипови напред и два назад секако електронски помогнати (ABS), со кои автомобилот запира од стотка до место за 36 метри, што е подобро од тогашниот модел на Porsche 911. Пневматиците се Bridgestone Potenza 245/40 и 18 инчи, кои се уникатни и направени специјално за овој автомобил. Внатрешноста е одлична со убави спортски седишта, кои се малку превисоко поставени, уникатниот дисплеј, волан со тркачка форма и доста комфор и простор. Произведени се вкупно 12,175 примероци, но автомобилот е недостапен во повеќе делови на светот. Се произведувал исклучиво во Јапонија. Повеќе верзии на R34 се произведени, за Јапонската полиција, V spec II, N1”, R34 Nur, во превод Нурбургринг, затоа што проектот за автомобилот е почнат и развиен токму таму. Цената од тогашни 32 илјади долари и перформансите кои ги добивате, е пакет што сигурно нема да го најдете кај европските спортски автомобили. Најпопуларниот Skyline е оној на Пол Вокер од филмот 2 Fast 2 Furious.
Skyline R34 GT-R за последен пат е произведен во 2002 година. Легенда на јапонските спортски автомобили, автомобил кој се има појавено на безброј трки, што легални што илегални. За R34, Џереми Кларксон ќе изјави дека е еден од најдобрите спортски автомобили некогаш произведен.
Една година пред да се појави Skyline R34 GT-R, се појавува неговиот најголем противник Toyota Supra Turbo. Сега култен автомобил, но не секогаш Supra бил кул автомобил. Поради релативно високата цена, и ништо посебно интересно на него, луѓето почнале на некој начин да ја избегнуваат. Се до филмот Fast and Furious. Од тој момент секој млад амбициозен ентузијаст со некоја заштеда на пари, посакува да има ten seconds Supra, во превод Supra која популарните 402 метри ќе ги помине за десет секунди. Денеска во светот скоро и да нема стандардна Supra. Но за тјунираните во некоја друга прилика. Тоа што нас не интересира е Toyota Supra Turbo од 1998 година.
Автомобилот од четвртата генерација за првпат е представен 1993 година, како атмосферец, три литарски, шест цилиндри со 220 коњски сили, но со додавање на два турбо полначи силата се зголемува за цели 100 коњски сили и е веќе сериозни 320! Забрзување до стотка за 4,6 секунди, што е побрзо од Honda NSX, Dodge Stealth и Porsche 928. Вреди да се спомене трудот кој го имаат вложено со цел да се намали турбо лагот. Турбо близнаците се секвенцијални односно се сетирани да се помагаат едно со друго. Помалото турбо е активно некаде околу 2500 вртежи во минута, а поголемото ја дава додатната сила негде околу 4500 вртежи. Платформата на овој автомобил е истата таа на Lexus SC300, но за некој сантиметар продолжена. Оваа Supra е ставена и на посебна диета од страна на инженерите. Со хауба од алуминиумска легура, шупливи рол бар цевки и пластичен резервоар за гориво, тежината за стандарден автомобил е доста намалена (1490 килограми), што ја прави полесна од конкурентот Skyline. За овој автомобил како и за R34, од Bridgestone прават Potenza специјални пневматици. Сопирачките на овој автомобил се ремек дело. И покрај масата од скоро 1500 килограми, со помош на четири каналните, со четири сензори ABS сопирачки, Supra запишала и рекорд за најдобро сопирање од 117 км/ч до место за 44 метри. Рекордот бил поставен во 1997 и се однесувал само за стандардни автомобили. Бил соборен од Porsche Carrera GT (45 метри) во 2004 година. Автомобилот бил дизајниран да има максимална брзина од над 285 километри на час, но лимитиран е на 250. Четврт милја или 402 метри проаѓа за 13,1 секунда и развива 175 километри на час. Supra била испорачувана со два менувачи, 6 степен мануелен и 4 степен автоматски кој бил тотално промашување. Автомобилот има погон на задните тркала. Од дизајнерски аспект, по мене овој автомобил има некој прост шарм во него. Како и да е за тогашни 40.000 долари сте можеле да возите нешто што е побрзо од Porsche, забрзува до 100 за помалку од пет секунди, потсетува по малку на F40, а после филмот Fast and Furious станува попопуларно и од Ferrari.
Ова е тој култен автомобил
Мислењата околу тоа кој е подобар помеѓу Supra и Skyline R34 се длабоко поделени. Едниот автомобил е побрз до 100 км/ч, другиот на четврт милја. Максималната брзина им е идентична. И двата автомобили се големи спортски купеа. Од денешна гледна точка извонредни GT автомобили. Од појавата на првиот дел на Fast and Furious, и поради тешко достапноста на R34, ќе речам дека Supra е попопуларен автомобил ( не подобар), но по појавата на 2Fast 2 Furious, каде Пол Вокер вози Skyline, работите се менуваат на подобро во корист на Nissan.
Автомобилот станува светски познат, омилен автомобил на широката тјунерска мада, сон на секој млад тркач, или wanna be тркач. Во однос на надворешноста и двата автомобили се чудно убави посебно ако малку ги нашминкате. За крај, ќе речам дека R34 е подобар автомобил само поради две работи: поради погонот на сите четири и поради тоа што од Nissan направија уште подобар наследник и направија приказната за Godzilla да продолжи.