Throttle/Brake – епизода 73: Третиот милениум на Lamborghini и електричен Mini

Оваа е првата целосно електрична епизода на Throttle/Brake, и последната за оваа година. Да не речете дека сме старомодни, како Ferrari.

Кога веќе ги споменав Ferrari, на прав пат сум да продолжам со Lamborghini. Кој би помислил дека ортодоксните лути ривали на таборот од Маранело ќе прават електричен автомобил. Ајде вака…

Кога очите на јавноста се вперени кон Tesla, никој не ни помислува дека Tesla не е автомобилска компанија. Нивната примарна дејност е правење на електрична инфраструктура ширум светот, еден вид на струен монопол. За неколку години кога сите ќе преминат на струја, американската компанија ќе ги поседува сите станици за полнење во светот. Само замислете си дека денес ги поседувате сите бензиски пумпи!?

А да, прават и по некој автомобил, поради меракот на Елон Маск. Да не заборавиме дека американскиот Вернер Фон Браун пред да го “удри струја”, беше првиот американец кој купи McLaren F1. Кинезите, засрамени од фактот дека ги ископираа сите можни автомобили, без размислување се впуштија во е-бизнисот, и веќе го имаат најбрзиот електричен автомобил во светот. Најголемата автомобилска корпорација (Volkswagen), се тувкаа и тактизираа. Во меѓувреме, се случи мега дизел скандалот (токму во САД), и црвената сијаличка светна.

Но кој да го поправи нарушениот имиџ? Па најубавиот, убавината секогаш проаѓа. Сигурно нема Jetta да го крши мразот. И така, манекенот (Lamborghini) доби задача да оди во Бостон (Massachusetts Institute of Technology- MIT) и да направи електричен супер автомобил за на постер. Слоганот дека од невозможно прават возможно, не ќе да е само поради еден теренец! И запомнете, каде е Tesla, таму е и Едисон…
Да се вратам на Terzo Millennio. На прв поглед, веднаш ги забележувам линиите на Гандини од Бертоне. Тоа е човекот кој ги има дизајнирано најкултните спортски автомобили. Во случајов, Terzo Millennio е Lancia Stratos Zero од иднината, која сама ќе вози (автономен режим) и сама ќе се поправа!

Lancia Stratos Zero.
Terzo Millennio и Stratos Zero (макета).

А сега да ѕирнеме под хаубата! Таму нема ништо! Ох, извинете, ѕирнете позади тркалата. Терзо Миленио ќе биде придвижуван од четири електро мотори, односно по еден на секое тркало. Со моторите поставени позади тркалата, дизајнерите ја имаат целата аеро слобода во нивните моливи. Практично, сем тркалата, целиот автомобил им е на располагање. Од технички аспект пак, распореденоста на масата ќе биде перфектна. Иста тежина на секое тркало, долж средината на автомобилот односно во подот, под кабината, ќе лежи батеријата и толку. Значи нема менувач и го нема супер тешкиот погон на сите четири тркала, што повеќето од супер/хипер автомобили го избегнуваат. Значи, околу 400 килограми помалку, со нов многу поинтелигентен погон на сите четири (погон на секое тркало посебно, синхронизирани со векторска распределба на сила). Со толку низок центар на гравитација и неверојатната распореденост на масата, Терзо Миленио, ќе изгледа феноменално и исто толку добар ќе биде и на тркачките патеки.

Од Lamborghini велат дека и сегашната “електрична” технологија им оди во прилог, но паметните од MIT ги туркаат работите напред и работат на нов, многу помоќен, полесен и поекономичен извор на електрична енергија. Како и да свртите, Terzo Millennio ќе биде запрепастувачки брз автомобил. Сетете се на бројките кои Елон Маск ги објави за новиот Tesla Roadster. Се сеќавате? Споредете го дизајнот на Tesla Roadster и Terzo Millennio? Thoughts?

На почетокот споменав дека Терзо ќе вози сам, и дека сам ќе се поправа. Дозволете ми да ви објаснам. Знаеме дека и во моментов има автомобили кои се автономни (Tesla) и со помош на посебна навигација и сензори, управуваат на патишта и сами се паркираат. Терзо ќе вози сам и на патиштата, но и на тркачките патеки. Впрочем, MIT ќе се обидат да го направат автопилотот на Терзо подобар од над просечен тркач. Тие сметаат дека доколку се од страни човечкиот фактор, автомобилот ќе вози по идеалната траекторија и ќе биде побрз од човекот-возач. Теоретски, MIT се во право, но само доколку Терзо е сам на тркачката патека. Во вистинска тркачка атмосфера каде патека е полна со други автомобили, човечкиот фактор барем засега е пресуден. Уште поинтересна е идејата автомобилот сам да се поправа. Со помош на специјален софтвер, карбонската шасија ќе се скенира и ќе се бараат пукнатини и оштетувања. Во неа ќе бидат инсталирани микро канали со специјална “лековита” хемија, која ќе ги лекува пукнатините. Исто како Волверин од X-Men.
Дали ќе треба да чекаме до третиот милениум за да го видиме Terzo Millennio на улиците? Не. Благодарение на технологијата, ќе го видиме во наредните 5 години, со уште повеќе X-Men опции.

Mini Cooper E

Добри вести ни доаѓаат од Mini. Автомобилот кој секој млад човек го посакува во својата гаража, станува електричен. Браво за Mini. И за BMW.

Засега нема многу информации за малиот електричен аристократ, но сепак, кога ќе се земе предвид дека BMW се старатели, работите стануваат појасни.

Дизајнот е типичен, коцкаст, аристократски со футуристички зачини, кои ќе придонесат во ефикасноста и за разубавување на култниот автомобил, кој ќе има тешка задача да им се допадне на прагматичните миленијалци. За нас постарите, и жолтиот Mini на Мистер Бин е сеуште автомобил и пол.

Сеуште нема никаква информација за погонот на Mini Cooper E, но логично е да се постави прашањето, дали ќе биде позајмен од BMW i3 или i5? Секако, имаат доволно време до наредната година да ги зголемат перформансите и ефикасноста, бидејќи љубителите на малиот Mini ќе сакаат John Cooper Works серија која мора да биде лута. Искрено, мразам кога компаниите си играат PR и се многу скржави со изнесување на информации, но за поздравување е одлуката на Mini, со која најмалиот и најфраерски автомобил ќе стане целосно електричен.

И тоа е се за оваа година. Драги читатели, ви посакувам среќни празници, исполнети со убави мигови и многу љубов за Вас и вашите блиски. Се читаме во Новата година со уште поинтересни содржини.

Mini John Cooper Works за новите генерации.
Првиот електричен Mini од 2008-та.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -