Phantom ли е, што ли е? Секако дека не е Phantom, но не е ни ново компонирана имитација на знаменосецот на Rolls Royce. Најлуксузниот автомобил на јапонскиот гигант е пет децении во служба на луксузот, но и на директори, политичари и јакузи. Да се разбереме, не е Rolls Royce, но оваа култна лимузина заслужува многу повеќе внимание.
Се започнало во далечната 1967-ма година, кога за првпат е претставена 5,1 метарската лимузина, придвижувана од 3.0 литарски V8, чија примарна цел била да го засени Nissan President. Во осумдесеттите, за време на неверојатниот јапонски економски бум, Century станува уште полуксузна и подолга лимузина (5,77 метри должина). Станува се попопуларна во круговите на подземјето, односно станува “официјален” автомобил на босовите на јакузите, на јапонскиот монарх и на Шинзо Абе. Интересно е дека моделот Century, од појавувањето па до ден денешен се продава само во Јапонија, додека на нас “останатите”, во деведесеттите за утеха ни го понудија Lexus LS. Не дека беше лош автомобил, ама…
Ако го погледнеме Century, не е лесно да констатираме дека дизајнот и не е баш променет во “последниве” педесет години. Искрено, ако ги занемариме LED светлата, мене овој автомобил ми изгледа како да бил дизајниран во деведесеттите и ставен во некоја фиока да ги чека подобрите денови. Но, секое лошо за добро. На Toyota им успеа “трикот” на Rolls Royce, во хармонија да ги сплотат футуристиката и ретрото.
За неполни два месеци ќе влеземе во 2018-та година и Rolls Royce Phantom сеуште ќе “гори” над 17 литри гориво. Факт кој почна да им задава главоболки дури и на возачите во богатите заливски земји и САД. Toyota пак, во чекор со електричните трендови, го замени 5.0 литарскиот V12, кој ја придвижуваше претходната генерација на Century со 5.0 литарски хибриден V8, кој произведува 394 коњски сили. Помалку цилиндри, помала маса, а повеќе моќ и помала потрошувачка.
За перформансите нема да пишувам, бидејќи се што треба да знаете за овој автомобил се наоѓа во кабината, односно во задниот дел. Доколку се одлучите да купите автомобил од типот на Century, треба да обрнете внимание на сите детали во задниот дел на кабината и да си најдете добар шофер, бидејќи не планирате да возите, нели?
Внатрешноста на Century, изгледа подеднакво со надворешноста, наместо луксузно и екстравагантно, едноставно, скромно и чисто. Наместо кожа, ќе најдете префинетата волна (симбол за раскош во Јапонија), но има и опција за кожни седишта. Ако сте уморни по многуте бизнис состаноци, во удобните седишта на располагање имате масажер, а на подот електричен потпирач за нозете кој може да го поседувате во висина. Доколку сакате да се релаксирате и погледнете некој филм или слушате добра музика, имате 20 премиум звучници (сеуште не е познат брендот) и добро скриен висококвалитетен LCD монитор.
За крај, не ни помислувајте дека Toyota Century се натпреварува со конкурентните Mercedes S Klass, A8, BMW 7 или Rolls Royce. Како што TX4 (такси автомобил) е заштитен знак за таскистите во Лондон, Century е истото за јапонските олигарси. Ако ви се допадна овој автомобил, и живеете во Јапонија, бујрум.
Гигават Tesla Roadster
Елоне, секоја чест! Ми текнува кога “бензинците” јавно те исмејуваа и твојата визија ја множеа со нула… Епа еве, по неполни десет години, твојата Tesla Roadster 2 е најбрзиот сериски автомобил во светот, и е на батерии. Нека пукнат душманите. Честитки и за најбрзиот камион, кој е исто така на батерии.
Сеуште сум под силни импресии од бројките на новата Tesla, и секако дека ќе започнам со нив! Од место до стотка Tesla Roadster ќе забрзува за 1,9 секунди, а максималната брзина ќе надминува 400 километри на час и со едно полнење на 200 kWh батерија ќе можете да поминете скоро 1000 километри (997 километри). Четвртина милја? 8,9 секунди. Дали знаете колкава е влечната сила на Bugatti Chiron? 1600 Nm, а секој среќник кој ја искусил таа фрапантна бројка, се доживувал себеси како да седи на ракета. Драги мои читатели, Tesla Roadster 2 располага со 10.000 Nm (добро читате) цело време, во секој момент кога ќе залепите педалот за гас за подот. Неверојатно, но вистинито.
Во дизајнот на Tesla Roadster 2, гледам елементи на P100 и модел X во предниот дел односно ветробранското стакло, тело на Honda NSX и задница која потсетува на Porsche Cayman GTS со дифузери од Porsche 918 Spyder Weissach. Да се разбереме, Tesla Roadster е вистински Gran Turismo спортски автомобил, кој кога би имал бензиски мотор, би се натпреварувал со Aston Martin Vantage или Porsche 911. Верувале или не, најбрзиот сериски автомобил ќе чини малку повеќе од 200 илјади евра.
Сите што сте загрижени за звуците на Tesla и воопшто на сите електрични автомобили, а немате работа или бизнис идеа, задолжително да продолжите со читање:
Срцето на автомобилите со електричен погон е софтверот, преку кој се вршат сите операции т.е управување, забрзување, сопирање, распределување на сила, климатизација, музика и се баш се. Дали знаевте дека многу автомобили користат снимени засилени звуци за подобрување на звукот (Jaguar F Type или Range River SVR на пример). Значи, во кабината постои копче го притискате и добивате подобар и засилен, но снимен звук. Тоа е софтвер така? Епа зошто не смислите софтвер кој ќе им дава различни звуци на електричните автомобили. На пример, денес сакате вашата Tesla да звучи како Lamborghini со V12 мотор, или пак како Mercedes-Benz AMG. Нема проблем. Одите онлајн и за некоја сума симнувате апликација која ќе ви го овозможува тоа задоволство. Замислете дека iTunes е апликацијата, а песните се звуци од различни автомобили. Симнувате Pagani албум и уживате во звуците на Zonda и Huayra. Интересно, не?
Најбрзиот сериски автомобил во светот: Koenigsegg Agera RS
^ 457 километри на час на автопат во Невада.
Какво ли е само чувството кога еден човек, ќе ја победи најголемата автомобилска корпорација во светот? Тој човек е Кристијан Фон Коенигсег, а неговата креација Koenigsegg Agera RS, по вторпат, во многу кус временски рок го победи Неговото Височевство Bugatti Chiron. Овој пат, слободно ќе кажам дека победата е убедлива.
Два генијални ума и два најбрзи автомобили. Се надевам уживавте.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.