Во грчката митологија, Chiron е името на најсупериорниот кентаур кој бил опишуван со суперлативи. Денес, Chiron е најмоќниот, (теоретски) најбрзиот, најудобниот, најстаромодниот и најексклузувниот сериски хипер автомобил во светот.
Среќниците кои имале прилика да се дружат со Неговото Височество, велат дека Chiron е навистина скромен, удобен и префинет автомобил. Но… никогаш не заборавајте дека зад вас се наоѓаат 1500 коњски сили!
Се сеќавате на Veyron, првиот сериски автомобил кој ги надмина недостижните граници од 1000 коњски сили и 400 километри на час? Дали знаете кој автомобил беше единствен сериозен конкурент на Bugatti Veyron? McLaren F1. Во текот на годините, природно, Bugatti Veyron еволуираше во Super Sport и беше убедливо најбрзиот и најексклузувниот автомобил во светот. Но, Пандорината кутија се отвори и од неа почнаа да излегуваат многу подобри и посовремени супер автомобили, кои создадоа еден сосема нов автомобилски сегмент – хипер автомобили. Во кутијата остана само надежта за Bugatti. По само две години од последниот произведен Veyron Grand Sport Vitesse, на сцената се појави Chiron. Шансата на Bugatti да владее повторно во автомобилскиот свет. Овој пат е тешко. Конкуренцијата е неверојатна. Секој сака да владее со автомобилскиот свет. Амбицијата на производителите толку излезе од “контрола”, што и електричните супер автомобили станаа хипер автомобили. Сите овие случувања дополнително ги замрсија работите за Bugatti. Храбро и одлучно, решија да се вратат на своите корени, и да влезат во борба останувајќи верни на “старомодниот”, 8.0 литарски W16.
Покрај ревизијата и засилувањето на W16 до (даска) неверојатни 1500 коњски сили, суштинските промени се намалувањето на масата, аеродинамиката и управливоста. Знаеме дека и покрај сите титули, Veyron беше исклучително тежок и тромав автомобил. Нови тркала, специјални пневматици, нови сопирачки, аеродинамика, нова механика за подобро управување и многу посовремени компоненти за менувачот и шасијата. Сума сумарум во бројки: 8.0 литарски W16 со четири турбо полначи, низ кој секоја минута проаѓаат дури 60.000 литри воздух. 1500 коњски сили и 1600 Nm го забрзуваат 1995 килограми тешкиот Chrion од место до стотка за 2,3 секунди, благодарение на најголемото квачило кое е некогаш вградено во сериски автомобил. Максималната брзина засега е електронски лимитирана на 420 километри на час. Од фабриката тврдат дека со специјалните пневматици кои се сеуште во експериментална фаза, Chiron достигнува максимални 482 километри на час!
Сите овие бројки за нас “обичните смртници” се како научна фантастика. Каков е навистина Bugatti Chiron? Какво е чувството да се вози еден ваков автомобил? Гледајќи и анализирајќи се што е поврзано со овој автомобил, констатирав дека Chiron е сосема удобен секојдневен автомобил. Со леснотија ќе влезете и излезете од неговата кабина, што е реткост кај супер автомобилите. Кабината е удобна, луксузна и се додека возите “домаќински” нема да слушнете никаква бучава. Но, кога ќе го притиснете педалот за гас, горе наведените бројки стануваат сурова реалност. Ве обзема чувство како да некоја џиновска рака со сета сила постојано го турка масивниот Chiron. Бруталното забрзување ви го одзема здивот и ве притиска во седиштето до таа мера, што мислите дека ќе излетате во секој момент. И се така до 420 километри на час.
На видеото: Крис Харис и Bugatti Chiron.
Многумина од вас би ми замериле, но за мене Bugatti Veyron не беше најубавиот автомобил. Акцент ќе ставам на предниот дел на автомобилот, кој делуваше млитаво, како предница на Maserati Quatroporte. Кога за првпат го видов Chiron, знаев дека ќе има илјадници коњски сили и дека ќе биде значително побрз од својот претходник, но таа убавина, тој дизајн, ме оставија без зборови. Уште на прв поглед се гледа дека во тие прекрасни линии своја ДНА има Bugatti Atlantic Type 57SC – според многумина најубавиот автомобил на сите времиња. Во средината на автомобилот се наоѓа најдраматичниот детал од дизајнот на Chiron, буквата “C”, во чест на Луис Широк, во чија форма е направена и возачката кабина. Долж целиот автомобил, по средината, се протега линијата инспирирана од Bugatti Atlantic Type 57SC.
Покрај буквата “C”, чија основна функција покрај убавината е да го лади моторот, највпечатливиот момент кај Chiron се светлата. Напред, осум очи со LED технологија, чија задача е преку воздушните брани да ги ладат сопирачките и да го прилепат Chiron што е можно повеќе за патот. Одзади, апсолутно најубавото стоп светло во автомобилскиот свет, долга алуминиумска линија со вградена LED светилка.
На левата долна страна на воланот се наоѓа кружен прекинувач на чија површина графички се прикажани четири опции на возење: Lift, Auto, Autobahn, Handling. Има уште една опција наречена Top Speed, за која ви треба посебен клуч. Интелигентната адаптивна шасија на Chiron му дава совршен GT карактер за оние кои сакаат да патуваат, а истовремено со само едно свртување на прекинувачот, во вашите раце ќе го имате теоретски најбрзиот автомобил во светот. До ден денешен, нема ниеден супер или хипер автомобил со ваков благодарен и благороден карактер.
Додека го привршувам текстов, се прашувам дали Bugatti Chiron е најдобриот хипер автомобил на денешницата? Засега да, само поради слабиот PR на Кристијан Вон Коенигсег во однос на револуционерната Koenigsegg Regera.
На видеото: Џетро Бовингтон vs Bugatti Chiron.
Сакаш уште Throttle/Brake?