Се сеќавате ли на серијата 8 од раните деведесетти? Безвременското луксузно црвено купе со ознаки 850CSi, V12 мотор и 375 коњски сили? Рака на срце, одамна не сме виделе автомобил од таков калибар да го носи беџот на баварскиот гигант. Но, време е BMW да ја исправи грешката од минатото и да ја воскресне серијата 8, односно M8.
На сите ни е и те како познато ривалството помеѓу BMW и Mercedes-Benz, односно серијата 7 и класата S. Mercedes-Benz отиде чекор понатаму и го врати во живот нивното најголемо купе. На потег се баварците. BMW 8 е неофицијално тука, но дали ќе биде достоен противник на Mercedes S Coupe и Aston Martin DB11? Судејќи по првичните информации, да. Што знаеме за новата серија 8 на баварскиот гигант? На прв поглед, забележувам дека дизајнот позајмува линии од серијата 6 и футуристичкиот i8. Всушност, новата осмица е купе верзија на серијата 7, но со многу подраматични и поагресивни линии. Видовме дека на Нирбургринг се тестира M8, па логично е да се запрашаме што ќе има под хаубата. Неофицијално, најсилната осмица ќе го позајми 4.4 литарскиот V8 од најновиот M5 и ќе има најмалку 615 коњски сили. Стандардните модели ќе позајмуваат агрегати од серијата 7. Ќе бидат понудени три бензиски изведби (840i, 850i и 860i), еден хибрид (840e), и дизел изведбата 830d. Официјални бројки од BMW засега има само за моделот 860i, кој ќе располага со 600 коњски сили и ќе забрзува до стока за 3,7 секунди. Силата од моторот ќе се пренесува преку 8 степен автоматски менувач, а некои модели ќе бидат опремени и со xDrive, односно погон на сите четири тркала. Како и Mercedes-Benz, и BMW ќе понудат кабриолет изведба која ќе се појави во 2019 година по цена повисока од 100 илјади евра. Основниот модел на пазарот ќе достапен за цена од 100 илјади евра. Познавајќи ја работата на специјалниот оддел на BMW, M8 ќе биде многу нервозен и биполарен автомобил. Во меѓувреме, на интернет се појавија видеа кои ги потврдуваат моите сомнежи…
На видеото: Нервозниот BMW M8
Пред 24 години, BMW и одделот “M”, учествуваа во создавањето на најдобриот автомобил на сите времиња, McLaren F1. Своевремено, а и многу години потоа, F1 беше најбрзиот автомобил на светот. Денес, по 24 години, брзината се мери на еден малку поинаков начин, на тркачките патеки. И денес, како и пред повеќе од две децении, McLaren е повторно на врвот. Интересно е дека секогаш кога McLaren се на врвот, имаат партнер. Пред 24 години, партнер им беше BMW. Денес тој се вика Lanzante. Дами и господа, McLaren P1 LM Lanzante, Кралот на Нирбургринг. Како тргнале работиве во автомобилската индустрија, секоја нова епизода ќе имаме и нов Крал на патеката Нирбургринг.
Сите знаеме што е McLaren P1. Но што е Lanzante? Пред 22 години, Lanzante и нивните вешти раце помогнаа McLaren F1 GTR да победи на престижната 24 часа на Ле Ман. Денес Lanzante, од нелегалниот и само тркачки P1 GTR, прави уште побрз легален автомобил, со кој можете да учествувате во секојдневниот сообраќај.
Која е тајната на Lanzante? Задржани се фабриките спецификации на серискиот P1, односно хибридниот V8 твин турбо со 986 коњски сили, со цел да се замачкаат очите на оние кои одредуваат што е легално, а што не. Но колку и да сте доследни на онаа старата “изглед вара”, огромното задно статично крило на P1 LM, не вара. Всушност, со ова крило се скротува задниот дел на P1, кој сака да танцува на лево и на десно во секоја можна пригода. Другото е физика.
За ова автомобилски ремек дело, заслужни се петмина многу богати луѓе со луди идеи, на кои движењето низ сообраќајниот метеж во Rolls Royce им здосадило. Но, луѓето од Lanzante се великодушни и одат чекор понатаму. Непфицијално, за “само” 785 илјади евра, секој “обичен” P1 може да биде Пепелашка, односно LM. Во моментов, половен McLaren P1 се продава по цена од 2 – 2,4 милиони евра. Доколку веќе поседувате еден, вие сте на коњ.
На видеото: Рекордот на McLaren P1 LM Lanzante (06:43.22).
Сигурно се прашувате што е 1/1? Ви текнува ли кога бевме деца и кога сонувавме да имаме некој специјален автомобил кој ќе биде направен по наша замисла? Се е возможно во детскиот свет. Земавме метални колички и колку знаевме и незнаевме ги модифициравме само за да бидат уникатни. Но, во суровиот свет на возрасните, за реализација на детскиот сон, треба да сте многу, многу богати. Еден засега анонимен и многу богат човек, на кој очигледно омилен број му е “8”, решил да си го исполни својот сон. Се јавил во Rolls Royce, платил скоро 13 милиони евра, и по 4 години сонот станал јаве и се вика Rolls Royce Sweptail.
Најскапиот нов автомобил на сите времиња е Phantom Coupe, кој е модифициран да изгледа како луксузна кочија. Многу очигледно е дека сопственикот на оваа 13 милионска кочија бил инспириран од Rolls Royce Phantom I Jonckheere Coupe од “златната ера” и некои класични и модерни јахти.
Не толку значително за оваа автомобилска бајка е дека под огромната хауба лежи 6.75 литарски V12 мотор. Единствената работа која го прави Sweptail тоа што е, е неговата уникатност. Само еден и единствен примерок во целиот свет.
Но 13 милиони евра? Доколку би ја имал можноста и средствата за исполнување на мојот автомобилски сон, еве што би направил: би го купил најдобриот автомобил на сите времиња, McLaren F1. Откако ќе го исполнам сонот, најверојатно автомобилот од соништата ќе добие нов американски сопственик кој ќе плати двојно поради ексклузивноста на F1 западниот континент. Додека сум таму, ќе појдам кај легендарниот Чип Фјус, кој за половина милион долари ќе ми направи Hot Wheels Twin Mill, со што ќе го исполнам и детскиот сон.
Сакаш уште Throttle/Brake?